Младинците на Рк Вардар на супериорен начин обезбедија пласман во големото финале на турнирот “Вардар, еден живот, една љубов, кој е во организација на нашиот ракометен клуб. Денес во спортскиот центар Јане Сандански избраниците на Зоран Петковски остварија две победи и на тој начин се пласираа во финалето, кое ќе се одигра утре со почеток од 15:30 часот во истава сала. Да напоменеме дека вчера оваа екипа забележа убедлив триумф против тимот на Рк Војнисон Вардар од Кичево, со резултат 36:4. Сосема очекувано ја оправдуваат улогата на најголеми фаворити за освојување на турнирот во младинска конкуренција.
Денешниот ден го отворивме рано со натпревар против екипата на Рк Шампион Вардар, против кој забележавме победа со резултат 29:7. По првото полувреме резултатот беше 11:4. Овој дуел беше само полесен тренинг и увертира за дербито во групата, против екипата на Метрополис. Најзначајно во овој дуел со Метрополис, која е посериозна екипа и малку повозрасна генерација, црвено-црните покажаа квалитетна игра од сите играчи кои добија шанса да заиграат. Конечниот резултат гласеше 25:14. Се надополнуваа извонредно, едноставно се функционираше беспрекорно. Во текот на целиот натпревар знаеа што сакаат од овој меч, диктираа темпо за на крај да забележат убедлив триумф изразен со десет голови разлика.
Интересно е што утре може да се случи финале во оваа генерација родени 1998/99 помеѓу двете младински екипи на Вардар. Вториот младински тим на Вардар Јуниор, предводен од Чивлачки, вечерва игра меч против Академија 1, на кој е апсолутен фаворот за триумф. Во текот на вчерашниот ден забележаа две победи и се многу блиску до освојување на првото место во групата, што би значело финале со екипата на Рк Вардар.