Новиот сопственик на РК Вардар, Михајло Михајловски, полека го гради тимот кој ќе се натпреварува во новата натпреварувачка сезона.
Секојдневно со Вардар се поврзуваат многу играчи, но се уште никој официјално не е потврден. Тренерот Алушовски лично го потврди доаѓањето на левиот бек, Дмитри Санталов кој ќе пристигне од екипата на Чеховски Медведи, додека договор со Вардар постигнал Томислав Јагуриновски, кој игра на позицијата десно крило и десен бек. Имаме и нов голман кој доаѓа од француската лига, се работи за Робин Кантегрел, кој треба да договори уште некои ситни детали до целосно комплетирање на трансферот.
Своите договори со Вардар ги продолжија, Борко Ристовски, Марко Мишевски, Марко Кизиќ, Тимур Дибиров, Стојанче Стоилов, Глеб Калараш, Иван Чупиќ и Кристијан Дисингер. Од младите играчи тука се и Стефан Крстевски, Давид Гашовски, и Стефан Атанасовски
Медиумите најавуваат доаѓање на нови играчи, на позиции кои моментално се дефицитарни во Вардар. Тука се мисли, пред се, на позициите среден и десен бек. Нашиот медиум претходно објави дека потенцијално засилување на позицијата десен бек е играчот на Барселона и словенскиот репрезентативец, Јуре Доленец, додека во медиумите се споменува и норвешкиот репрезентативец, Елвинд Танген. Од вчера излезе информација дека Вардар се интересира и за средниот бек на Порто, Мигел Мартинс Соареш. Во преговори со Вардар е и македонскиот репрезентативец, Филип Талевски кој не продолжи во екипата на Балинген. Во медиумите се шпекулира и со кубански интернационалци, како играчи за кои Вардар пројавува интерес. Како што рековме, многу ракометари сакаат да го облечат црвено-црниот дрес, а сигурно дека до крајот на месецот ќе се потврди и уште некој играч кој треба да го засили Вардар.
Екипата ја напуштија Сикошек Пелко, Сергеј Горбок, Сташ Скубе, Калифа Гедбан и Артурс Кугис, додека се уште не е познат статусот на Сергеј Горпишин.