Резултатската криза во Европскиот шампион се продлабочи откако и овој викенд Вардар не успеа да победи, овој пат во Белорусија кај шампионот на оваа земја, Брест Мешков.
Вардар одигра добро и водеше по првиот дел, па следуваше катастрофално второ полувреме во кое заслужено домаќинот на крајот се радуваше на висока и убедлива победа од девет гола разлика. А и не може навивачите на Вардар да очекуваат и подобро издание на своите миленици.
Верувале или не, голманите на Вардар, Гедбан и Кизиќ, (Кугис не влезе воопшто во игра) имаа една единствена одбрана во вториот дел и тоа на четири-пет минути пред крајот на дуелот кога Гедбан фати една топка. Значи, повеќе од 25. минути голманите на Вардар немаа ниту една одбрана. Изгледа неверојатно, но е вистинито.
Останува Вардар да одмори и да анализира што недостасува во овој тим. Следниот викенд нашите играчи ги очекува нов тежок дуел, овој пат против Веспрем на домашен терен, а ние се надеваме дека дотогаш работите ќе се стабилизираат.