Ракометарите на нашиот шампион викендов ќе го одиграат третото коло во ЕХФ лигата на шампионите. Избраниците на Раул Гонзалез гостуваат кај тимот на Кристијанштад. Мечот е закажан за 4-ти октомври недела со почеток во 16 часот и 30 минути.
Нашиот шампион по првите две кола има две победи и максимален број бодови и со победа во овој дуел ќе го заземат првото место во групата одкако вчера екипите на Рајн-некар и Киелце одиграа нерешено (32:32) и ги поделија бодовите во рамките на првиот меч од третото коло во нашата група. Црвено – црните се сретнаа со Кристијанштад на “Турнирот Вардар“ во Скопје во финалето каде нашите момци беа поуспешни со 32:24 и го освоиа трофеот во овој подготвителен турнир. Од мечот Македонската радио и телевизија ќе овозможи директен пренос на првиот програмски канал во 16 и 30 часот, а половина час претходно ќе има студиска емисија како вовед во мечот.