Претстојниов викенд на програмата е 7.коло во најсилната група Б од ракометната Лига на Шампионите.
Дербито на колото ќе се одигра во Скопје, каде Вардар е домаќин на тимот на Киелце. И двете екипи се соочуваат со проблеми поради поврдени играчи, но веруваме дека ќе гледаме добар ракомет во кој присутните навивачи ќе уживаат. На табелата, Вардар има предност од еден бод пред Киелце. За прв пат во Скопје ќе гостува Игор Карачиќ кој ќе биде на спротивната страна во дресот на Киелце.
Брест Мешков на домашен терен ја пречекува екипата на Веспрем. Унгарците се фаворити за бодовите, но оваа сезона избраниците на Дејвис играат променливо, па можни се изненадувања. Секој бод е добродојден за Мешков кој се бори за шесттатата позиција која е се подалеку за нив, додека Веспрем доколку сака повисок пласман на табелата од моменталниот, мора да триумфира на гостувањето во Белорусија.
Мотор Запорожје е „аутсајдер“ во дуелот со Монпелје, кој сезонава игра одлично пред се на гостински терен. На дуелот кој се игра во Украина, фаворит е тимот на Монпелје, додека Мотор се уште ја бара својата прва победа сезонава во ЛШ.
Колото ќе го комплетираат екипите на Кил и Порто. Кил игра одлично сезонава и е лидер во групата Б, се уште без пораз. Од друга страна, Порто е најпријатното изненадување во групата, португалците покажаа дека сезонава се „тврд орев“ за секој противник. Сепак квалитетот и домашниот терен се на страната на Кил, па тие се големи фаворити за нова победа, со која ќе се заврстат на првото место во групата, која носи директен пласман во 1/4 финалето.
Термини на сите четири мечеви од 7.коло во најсилната група Б:
Вардар – Киелце 17:30 ( сабота)
Мешков – Веспрем 17:30 ( сабота)
Мотор – Монпелје 17:00 ( недела)
Кил – Порто 19:00 ( недела)