Новото коло во најсилната група Б започна со големо изненадување. Во „Шпаркасе Арената“ екипата на Кил не успеа да го совлада последнопласираниот тим на Мотор Запорожје, односно двете екипи ги поделија бодовите, играјќи со нерешен резултат 32:32.
Гледавме израмнет меч, на кој и двете екипи имаа можност да стигнат до цел „плен„ но на крајот можеби нерешениот резултат беше и најреален исход. Кил имаше негатива во најголем дел од второто полувреме, но пикерот Винчек најпрво донесе израмнување на 25:25 во 48 минута, додека со голот на Дамке, екипата на Кил поведе со 28:26, па се чинеше дека домашниот тим е поблиску до триумфот. Сепак, екипата на Мотор не се предаде, преку Козакевич го израмни резултатот на 30:30. Кил имаше последен напад за победа, но не успеаа да реализираат а херој во освоениот бод за гостинскиот тим беше голманот и руски репрезентативец, Виктор Киреев кој го заврши натпреварот со 18 успешни интервенции. Ова беше втор нерешен резултат за Мотор сезонава, единствените два бода за овој тим.
Во ова коло, Вардар гостува кај екипата на Брест Мешков, во обид да се врати на победничките патеки, откако во претходните две кола освои смао бод во дуелите со тимот на Киелце. Брест Мешков после осум одиграни кола има само една победа и седум порази и нивните шанси за пласман во осминафиналето се сведени на минимум. Од друга страна, црвено-црните со триумф можат повторно да се искачат место погоре на табелата и до крајот на групната фаза да конкурираат за што е можно подобра позиција. Во Белорусија отпатува и Даинис Кристопанс кој ги пропушти последните два меча во Лигата на Шампионите. Инаку, Вардар го доби првиот дуел во Јане Сандански, со резултат 36:31.
На домашен терен, Монпелје го пречекува најголемото изненадување сезонава во ЛШ, тоа е екипата на Порто, која високо котира во групаа Б. Ова ќе биде втор меѓусебни меч сезонава на овие две екипи, откако првиот дуел во Португалија заврши со нерешен резултат, а Порто во последните секунди „прокоцка’ победа на овој меч.
Дербито во групата ќе се одигра во Унгарија, каде Веспрем е домаќин на тимот на Киелце. Се работи за две екипи кои се израмнети на табелата, а Веспрем има можност да му врати на полскиот шампион за минималниот пораз во Полска. Шансите за триумф се еднакви на двете екипи, но порди домашниот терен, Веспрем е благ фаворит за освојување на бодовите.
Термини за мечевите од 9.коло во најсилната група Б:
Брест Мешков – Вардар 17:30 ( сабота)
Монпелје – Порто 17:15 ( сабота)
Веспрем – Киелце 17:30 ( сабота)