Friday ,03 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > По голема борба, Монпелје успеа да го совлада Вардар и утре да се бори за трофејот во ЛШ
По голема борба, Монпелје успеа да го совлада Вардар и утре да се бори за трофејот во ЛШ

По голема борба, Монпелје успеа да го совлада Вардар и утре да се бори за трофејот во ЛШ

Нант и Монпелје ќе играат во големото финале на Ф4 турнирот во Келн. Вардар не успеа да слави во полуфиналето, Монпелје беше подобриот тим кој имаше предност во текот на целиот меч и на крајот славеше со резултат 27:28.

Во првите десет минути од мечот, екипата на Монпелје имаше предност од 2:4, а головите за Вардар ги постигна Чупиќ, додека пак за противникот по два беа дело на Порт и Тручановичиус. Во 12 минута стигна и израмнување на натпреварот откако погоди Циндриќ, за резултат од 4:4. Се играше гол за гол на двете страни, тимот Канаје играше одлично во одбраната, а црвено-црните имаа проблеми во нападот, сепак со голот на Мораес Фереира за прв пат на овој дуел имавме предност од 7:6. Следеше лош период за црвено-црните кои му дозволија на Монпелје да направи серија од 0:3 и тоа во период кога добро игравме во одбраната, но французите секогаш постигнуваа гол, кога раката на судиите беше крената и имаа знак за пасивен напад. Главната причина во негативата од три гола по првото полувреме секако ќе се бара и само во едната одбрана и тоа на Штербик, кој во 20 минута беше заменет од Милиќ, но тој не успеа да забележи ниту една интервенција. Не ги искористивме добро и минутите на теренот, кога имавме два играчи повеќе на теренот, напротив Монпелје по првите 30 минути имаше највисоки три гола разлика (11:14), кога погоди во последната секунда, откако во нашиот последен напад избрза Кањелас, кој беше блокиран што овозможи брза контра на Монпелје, која успешно ја реализираа со удар од десет метри.

На стартот на второто полувреме направивме серија од 3:1 и намаливме на само еден гол негатива (14:15) и тоа со два гола на Борозан и еден на Циндриќ. Порт беше нерешлива енигма за црвено-црните и во вториот дел, кога репрезентативецот на Франција стигна до својот седми гол од исто толку обиди. Трите голови разлика од првиот дел ги врати Гигу, кој погоди од својата позиција, за предност на Монпелје од 17:20. Добро е за Вардар што Милиќ стигна до три одбрани во вториот дел, а Порт го промаши својот прв удар, сепак противникот се уште беше во предност. Во мини серија влезе Македа, кој постигна гол за намалување на 20:21. Имавме можност да израмниме, па дури и да направиме резултатски пресврт, но избраниците на Гонзалез не успеваат да реализираат три напади, тоа го казнува Ричардсон кој зголеми на 20:22 во 52 минута од дуелот. Борозан е играчот кој не одржува во полуфиналето и кој ни даваше надеж дека можеме да победиме. Со неговиот шестти гол намаливме на 25:26 на четири минути пред крајот. Со првиот гол на Стоилов, Вардар успева да израмни на 27:27. Монпелје успева да постигне гол, а Вардар не реализира во последните секунди, промаши Борозан, па Монпелје слави пласман во големото финале.

За црвено-црните утре останува борбата за бронзениот медал, против екипата на ПСЖ, меч кој се игра од 15:15 часот, додека во големото финале од 18 часот ќе се сретнат Нант и Монпелје.