После победата на Вардар над Кристијанштад, вечерва во рамките на најсилната група А победа забележа екипата на Нант во дуелот со Барселона. На тој начин на четири кола до крајот на групната фаза, тимот од Франција е единствен конкурент на Вардарци за освојување на првото место на табелата, кое носи директен пласман во четвртфиналето.
Нант одигра одличен натпревар пред својата публика совладувајќи го тимот на Барселона, а сите заслуги за триумфот одат за голманот на Нант, Думолан кој го заврши натпреварот со дури 21 одбрани. По израмнета игра во првите пет минути, домашниот тим започна прв резултатски да се одлепува кога по 11 минути игра имаше предност од 8:4. Избраниците на Чави Паскал не дозволија, Нант предвреме да се одлепи и со серија од 1:5 успеваат да стигнат до израмнување од 9:9. Беше и уште еднаш израмнет резултатот на 10:10, за Нант до крајот на првото полувреме да направи серија од 6:1 и по истекот на првите 30 минути да замине со солидна предност од 16:11. Екипата на Барселона имаше лош период кога речиси 12 минути не успева да постигне гол, односно да го совлада Думолан, а Емоне со два последователни голови зголеми на 16:10. Во последните секунди од првиот дел, шампионот на Шпанија ја прекина лошата серија и успева да постигне гол.
Стартот на второто полувреме беше за двајвата голмани, Перез Де Варгас стигна со 10 успешни интервенции, додека Думолан имаше 13 одбрани и беше еден од креаторите на високата предност, која во наредните минути ја направи екипата на Нант. Првите два гола во вториот дел ги постигн Нант и тоа преку Балагуер и Буриќ, за веќе високи 18:11, додека Барса конечно погодува во 36 минута преку Ентрериос. Голманот на Нант, Сирил Думолан дефинитивно имаше своја вечер на голот на Нант и стигна до својата 17 одбрана, а неговите соиграчи постигнуваат гол за предност од 22:16. Со погодокот на новото засилување, Арон Палмарсон, Барселона успева да намали на 23:19, но довчерашниот играч на Барса, Кирил Лазаров успешно стрела за предност од 25:20. Ниту 15 одбрани на Перез Де Варгас не беа доволни за резултатски пресврт, иако Барселона на пет минути пред крја стигна до три гола негатива (26:23). Балагуер стави крај на сите надежи на Барса, кога погоди од седум метри и зголеми на 28:24. На крајот конечниот резултат гласеше 29:25.
По одигрување на 10 коло, Вардар е прв на табелата со 18 бодови, додека Нант има 15. Третото и четвртото место е за Рајн-Некар и Барселона кои имаат 12 бодови, или шест помалку од Европскиот шампион. На овој начин, Нант останува единствен конкурент на Вардар за прват позиција. Нант и Вардар треба да ги одмерат силите и тоа на теренот на противникот, и тоа ќе биде единствениот меч за Нант на домашен терен. До крајот на групната фаза тие треба да гостуваат на Загреб, Кристијанштад и Рајн-Некар.