Во среда (01.02), ракометарите на Вардар ќе го одиграат вториот натпревар во рамките на СЕХА-лигата. Во С.Ц. Јане Сандански ќе гостува екипата на Партизан од Белград. Своите очекувања за натпреварот ги сподели тренерот на Вардар, Владо Недановски кој истакна дека се уште неможе да се види реалната слика за овој „нов“ Вардар кој се засили со неколку играчи.
-Немаме многу време, конечно денеска го одработивме првиот тренинг во комплетен состав. Дел од играчите се уште уморни од СП, им треба одмор. Со новите играчи две недели сме заедно, немавме многу време за работа, а ни треба за да се вклопиме. Од денеска почнуваме да работиме на подобрување на одбраната, на нападот. Мислам дека дури од наредниот натпревар со Татран може да се очекува некоја вистинска слика за Вардар, со новите четири играчи.
Недановски даде комплименти за Партизан, истакнувајќи дека се работи за млада и перспективна екипа.
-Партизан е млада, перспективна екипа, игра доста брз ракомет. Имав можност да погледнам нивни натпревари. Немаме многу време за анализа и подготовка, бидејќи вчера се вративме од пат. Меѓутоа мораме за два тренинга да испробаме сѐ и одбрана и напад и на тој меч в среда да излеземе што е можно поподготвени.
Натпреварот во среда ќе започне од 18:00 часот.