Вардар го победи Татран (29:24) и ги зголеми шансите за прво место во својата група од СЕХА-лигата. Црвено-црните го контролираа натпреварот и на крајот стигнаа до заслужена победа. После одигрување на натпреварот своите впечатоци ги сподели Владо Недановски кој изрази задоволство од одиграниот натпревар на неговиот тим.
-Одигравме повторно натпревар во одличен амбиент. Што се однесува до играта, од првиот натпревар со Татран, многу сме изменети. Иако ни недостигаа искусни играчи, презадоволен сум што не се почувствува отсуството. Новите играчи, како и помладите, беа на завидно ниво. По првите средби во СЕХА лигата не бевме доволно подготовени, ама за денешниот натпревар имавме доволно време. Одигравме добар натпревар, одлична одбрана и напад. Денес знаевме што сакаме да играме. За среќа, ние денес не промашивме многу зицери. Генерално сум презадоволен, Вардар ќе биде уште подобар кога ќе се комплетира, изјави Недановски.