Избраниците на Раул Гонзалес сеште немаат доживеано неуспех во новата натпреварувачка сезона. Започнувајќи од оној подготвителен период, каде настапија на два меѓународни турнири од кои едниот беше во Скопје, па се до последниот меч во лигата на Шампионите, нема противник кој успеаа да го запре нашиот шампион. Вардарци веќе нанижаа 13 последователни победи во сезоната 2015/2016.
Започнаа со тренинзи во Скопје, по што следуваше заминување на припреми во Крањска Гора, место кое нуди одлични услови за работа. Следуваше првиот предизвик за нашиот тим, турнирот во Кањижа беше првата проверка за формата и воиграноста на црвено-црните. Тука на “Кањижа куп“ го освоивме првиот трофеј во новата сезона. Беа совладани екипите на Нулиферт (Турција), Партизан (Србија), Горење Велење (Словенија) и во финалето бевме подобри од Пик Сегед (Унгарија). Следуваше враќање во Скопје и подготовки за првиот турнир во организација на ракометниот клуб- Вардар. На него учествуваа шест екипи, поделени во две групи. Нашиот шампион успеа на убедлив начин да го освои “Вардар турнирот“ совладувајќи го во финалето токму следниот наш противник, екипата на Кристијанштад од Шведска. Претходно во групата победивме против Нексе и Чеховски Медведи.
Немаше многу време за одмор бидејќи стартуваше првиот официјален натпревар во новата сезона на сеха-лигата. Отворивме во С.Ц. Јане Сандански против екипата на Војводина. Следуваше повторно домашен меч против Нексе, продолживме со гостување во Струмица. Сите овие три натпревари ги добивме рутински, со половина од своите сили кои се чуваат за премиерниот настап во Лигата на шампионите. Заминавме за Франција, каде не очекуваше тежок дуел со екипата на Монпелје. Имавме проблеми во првото полувреме, кога противникот ја имаше предноста и контролата на играта. Сепак во вториот дел дојде до израз нашата сила и квалитет, кој го демонстриравме на вистински начин. Успеавме да ги впишеме првите бодови и во најголемото ракометно натпреваруање. Повторно следи враќање во Скопје и продолжување со тренинзи, за првиот меч пред својата публика во ЛШ. Нова жртва беше силниот Пик Сегед од Унгарија, кој пружи голем отпор и не се предаде така лесно. Клучни минути беа во втората половина на натпреварот, кога успеавме да направиме серија и да зголемиме на пет гола разлика. Уште еден противник си замина со наведнати глави од нашата арена, Татран Прешов беше последниот тим кој успеавме високо да го поразиме. Со половина сили и рутинирано го впишавме 13 последователен триумф во новата сезона. Денес нашите момци тргнаа на пат за Шведска (види), каде ќе се игра следниот меч. Кристијанштад ни стои на патот за продолжување на победничката серија и впишување на третиот триумф во лигата на шампионите. Натпреварот ќе се одигра во недела со почеток од 16:30 часот, со директен пренос на МРТ-1.