Младиот состав на РК Вардар 2 предводен од ракометната легенда на Вардар и Македонија, Зоран Петковски заврши на второто место во есенскиот дел од сезоната во првата ракометна лига. Оваа екипа забележа осум победи, само еден пораз и нерешен резултат. Единствениот пораз беше во Богданци од најголемиот претедент за влез во најсилната супер лига, екипата на Младост за која наастапуваат и поранешни репрезентативци на Македонија, додека бодовите ги поделивме со екипата на Младост, меч на кој испуштивме победа во последните седунди. Секако и ова е големо достигнување за овој млад состав кој сигурно дека во пролетниот дел ќе атакува на уште подобри игри и резултати во лигата. Еден од играчите кој многу ветува во овој состав е Алија Амзоски кој за нашиот сајт ги сподели впечатоците од изминатата полусезона:
-За изминатата полусезона можам да кажам дека сите сме задоволни од овој успех што го направивме. Второ место во првата машка ракометна лига имајќи во предвид дека за сите нас ова е едно ново искуство да се натпреваруваме во сениорска конкуренција и да не заборавиме дека ако го немавме тој нерешен резултат на домашен терен со екипата на Преспа ќе бевме есенски шампиони. Сепак ние и со овој резултат сме задоволни и во вториот дел од сезоната ќе имаме еден мотив плус повеќе да работиме и да се потрудиме, што е во наша моќ да направиме за да пробаме да дојдеме до првата позиција што не е така далеку, бидејќи сме на само еден бод разлика од екипата на Младост.
Со оглед дека екипата ја сочинуваат играчи кои минатите години беа дел од ладинските категории на Вардар, овој успех е за почит со оглед дека се натпреваруваме со многу повозрасни и поискусни екипи од нас.
-Искрено на стартот на сезоната и не верувавме во овој успех, но од меч во меч како доаѓаа победите почнавме да веруваме многу повеќе во себе дека со секој може да се игра ако се работи правилно, напорно и вербата во себе никогаш да не згаснува. Eдноставно одевме сконцентрирано меч по меч и реков желбата, дисциплината, почитувањето на системот кој го форсира нашиот тренер брзата транзиција и долгата клупа го направија овој успех во првиот дел од сезоната.
За викендов кој следува, РК Вардар 2 го очекуваат натпреаври во купот на Македонија, а веќе од следната недела ќе започне и пролетниот дел во првата ракометна лига.
-Подготовките за пролетниот дел од сезоната течат одлично се работи многу напорно како физички,така и на тактички план. Поминавме и со пријателски натпревари, затоа што веќе следниот викенд не чекаат натпревари од купот на Македонија, каде што ќе се обидеме да одиме што е можно подалеку. Лигата ни започнува за две недели и можам да ветам дека од прв до последен сите ќе се бориме до самиот крај за да дојдеме до шампионската титула во првата македонска ракометна лига.
Звонко Ивановски