Денес ракометниот клуб Вардар ќе означи старт на подготовките за вториот дел од сезоната. Познато е дека екипата ќе работи со преполовен сосав, со оглед дека во наредниот период актуелно ќе биде светското првенство во Германија и Данска. Со оглед дека главниот стратег на црвено-црните, Гарсија Парондо ќе биде дел од стручниот штаб на Македонската репрезентација, со дел од тимот на Вардар ќе работи неговиот помошник, Билјана Црвенковска. Поранешната директорка на клубот, сега актуелен помошник на клупата на Вардар влезе во историјата на машкиот ракомет, како прва жена која ќе асистира од клупата на поранешниот шампион на Европа, актуелниот освојувач во СЕХА-лигата и најтрофејниот тим во Македонија. Ви го пренесуваме целосното интервју на Црвенковска за официјалниот сајт на клубот.
Ти си единствената дама на клупата на тим во машката Лигата на шампионите и во СЕХА лигата. Го чувствуваш ли тоа како некој товар што си во „машки свет”?
- Не го чувствувам како товар. Прво сум многу среќна што ја добив таа шанса и чест да ја напишам историјата. Чувствувам одговорност и не се доживувам како жена во машки тим туку како дел од еден колектив.
* За многумина беше изненадување кога жена беше промовирана за помошен тренер во Вардар. Очекуваше ли да бидеше дел од тренерската струка на машкиот тим?
- Никогаш не очекував да бидам во машки тим. Потајно секогаш посакував да бидам тренер, но само потајно, а никогаш не ја искажав таа желба јавно. Се гледав како дел од женски тим, но не и како дел од машки тим. Сега се чувствувам како тренер во вистинска смисла.
* Како си прифатена од ракометарите?
- Тие се големи имиња во ракометот. Некои од нив имаат поголеми постигнувања и од мене и подолго се во овој спорт. Но, долго работев како дел од управата на клубот и имав некој контакти со нив и соработка. Четири години речиси постојано патував со екипата и немав проблеми со прифаќањето. Професионалноста е взаемна. Имаат трпение, и секогаш се отворени за соработка.
* Половина година мина како заменик директор на тимот а другата половина како помошник тренер. По што ќе ја паметиш 2018 година?
- Ќе ја паметам по моето прво искуство како помошник тренер во екипата на Вардар, но и со успехот со пласирањето на Ф4 турнирот во Келн, освојување на СЕХА лигата по четврти пат и трите трофеи во Македонија.
* Што е полесно, директор или тренер?
- Двете работи имаат своја тежина. Да бидеш тренер одговорноста е поголема. Ти си тој што ги подготвува за постигнување на успеси, а директорската работа е малку од позадина и не си директно инволвиран во спортските резултати.
* Се сеќаваш ли на првиот момент кога стигна понудата да бидеш дел од тренерскиот тим и на првиот тренинг во ракометарите?
- Понудата дојде беше случајно, барем за мене. Добив повик и не размислував околу тоа. Тоа е голем предизвик и сакав да го прифатам. На првиот тренинг имав и трема, бев возбудена. Не знаев што ми се случи. Но бидејќи се познаваме долго време со ракометарите, ми помогнаа многу ми честитаа сите. Поинаку е од оваа страна. Но, немав директно учество на тренингот, бидејќи му помагав на Парондо. На почеток само набљудував.
* Колку ти се смени животниот ритам сега откако си тренер и како изгледа еден нормален ден за Билјана?
- Многу е сличен како додека бев ракометарка. Се се базира само на тренинзи и натпревари. Единствена разлика е подготовката за тренинг и за натпревари. Имам обврска да гледам натпревари, да правам анализи, за да се направи видео анализа која потоа се гледа. Нормален ден значи тренирање и подготовка. Малку време останува за одмор.
* Имаше можност и да го водиш тимот на една средба во СЕХА лигата, во Брест. Како го доживеа тој натпревар?
- Одговорноста е преголема. Треба да бидеш сконцентриран на секоја секунда на теренот и надвор од него. Ја подготвувавме, иако настапиме со многу млади ракометари. Мислам дека добро се снајдов. Бев возбудена, иако мислев дека ќе биде потешко.
* Колку е поразличен менталитетот на жените и мажите во ракометот?
- Можам да направам споредба како е да си дел од женски а како од машки тим. Се разликуваат многу. Со жените треба да се работи повеќе. Жените многу работи ги интересираат кои не се поврзани со теренот за разлика од мажите. Професионалноста можеби е иста, но тоа е единствена разлика.
* Има ли тајни во машката соблекувална на Вардар? Како се стигнува до големите резултати?
- Тимскиот дух е најголема тајна за резултат.
Вардар во 2019?
- Имаме многу операции на играчи, повреди, и голем дел од играчите настапуваат на СП. Се зависи како ќе се вратат од Германија и како повредените ќе се вклопат во тренажниот процес. Но, се надевам дека ќе бидеме меѓу второ и четврто место на табелата.
* Кои се амбициите на Билјана Црвенковска. Каде се гледаш за 5 години?
- Сакам да работам чекор по чекор, нова сум во тренерските води. Не знам дали ќе продолжам, но сега сум заинтересирана и сакам да работам.
* Сега почнува и СП во ракомет. Какви се шансите на Македонија?
- Јапонија може да биде големо изненадување. Исланд долго ја подготвува оваа екипа. Македонија треба да се пласира во следната фаза, а за понатаму ќе зависи од многу други фактори. Но, секако имаме квалитетен состав кој може да игра добро и верувам во овие момци.