Како што е познато, актуелниот Шампион на Европа во новата година ќе започне со нов тренер. Се работи за поранешниот играч на клубот и капитен, тоа е Стевче Алушовски кој ја доби довербата да биде главен тренер на црвено-црните, заменувајќи го Едуард Кокшаров кој беше привремено решение на клупата на Вардар. За официјалната страна на ЕХФ, Алушовски говореше за новиот предизвик и очекувањата за вториот дел од сезоната со тимот на Вардар.
-Голема чест е, но истовремено и одговорност да станете тренер на актуелниот Европски Шампион. Свесен сум што значи да се биде главен тренер на овој тим и среќен што повторно сум во клубот каде што поминав 10 години. Оваа понуда значи и признание за мојата тренерска работа во претходните две години.
Претходно, Аушовски беше тренер на Еурофарм Работник, тим со кој исто така беше дел од Лигата на Шампионите, натпреварувајќи се во една од послабите групи. Новиот стратег на црвено-црните верува дека тоа искуство ќе му помогне и во работата со Вардар, иако истакна дека има голема разлика во играњето во послабите и посилните групи.
-Со Еурофарм Работник дебитиравме во Лигата на шампионите и можам да кажам дека направивме добар резултат, иако на некои натпревари ни недостасуваше искуство за да постигнеме подобар резултат. Можам да кажам и дека има голема разлика помеѓу играње во групите Ц и Д од Лигата на шампионите и играње во најсилните А и Б. Сепак, ова беше одлично тренерско искуство за мене, што секако ќе ми помогне во мојата работа со Вардар.
Вардар ќе не може да смета на услугите на Дисингер најдоцна до крајот на месец март, па Алушовски смета дека оваа позиција ќе биде проблематична.
-Овој тим се соочи со многу повреди во претходниот период и поради повредата на Дисингер ќе ја започнеме годината со дефицит во левата позиција. Не можеме да направиме драстични промени, но можеме да промениме некои детали за кои се надевам дека ќе бидат доволни за добар резултат во ЛШ.
Првиот дуел во новата година, ќе биде оној против Кил, на кој Вардар ќе гостува.
-Започнуваме со Кил и потоа имаме уште три натпревари во групната фаза, се надевам дека Вардар наскоро ќе се врати на победничките патеки, истакна Алушовски.