Српската ракометна репрезентација за која настапува Дејан Милосављев одигра подготвителен натпревар, во пресрет на Светското првенство, кое од 10. јануари ќе стартува во Германија и Данска.
Избраниците на Ненад Перуничиќ за противник ја имаа селекцијата на Тунис, која успеаа да ја совладаат со резултат 29:25, на натпревар кој се одигра во Смедерево. Во најголем дел од мечот, Србија имаше предност и на крајот заслужено победи. Вардаровиот голман, Дејан Милосављев го заврши мечот со 5 успешни интервенции, од кои имаше и еден одбранет седмерец.
Милосављев го помина и вториот скратен список од страна на селекторот, од кој отпаднаа дури пет играчи. Во петок и сабота, Србија ќе гостува во Скопје каде ќе одигра два контролни натпревари со селекцијата на Македонија.