Monday ,06 May 2024
Последни:
Home > Slider > Македонија со голема победа во Исланд, ни се „насмевнува“ ново ЕП
Македонија со голема победа во Исланд, ни се „насмевнува“ ново ЕП

Македонија со голема победа во Исланд, ни се „насмевнува“ ново ЕП

Македонската ракометна репрезентација со голема победа се враќа од гостувањето во Рејкјавик, откако успеа да слави со резултат 33:34.

Исланд имаше контрола на резултатот во првите 15 минути од мечот кога стигна и до највисока предност од четири голови разлика (9:5). Домашната селекција беше во предност и од 12:9, но Македонија направи серија од 0:4 од кои три последователни голови постигна Георгиевски, за прв пат да имаме водство од 12:13. Избраниците на Брестовац добро играа во нападот, но имавме мали проблеми во одбраната, кога му дозволувавме на Исланд, веднаш после наш гол да изведе брз центар и да го совлада Ристовски. До крајот на првиот дел видовме игра гол за гол, па така на полувреме ниту една од репрезентациите немаше предност, резултататот на семафорот гласеше 17:17.

Првите два гола за Македонија во второто полувреме ги постигна вардаровиот капитен, Стојанче Стоилов, погодоци со кои израмнивм на 19:19. Исланд успеа да се одлепи на два гола позитива кога со серија од 3:1 поведе со 22:20, но Македонија не помисли да се предаде. Откако беше направен фаул врз Стоилов на линијата од шест метри, судиите покажаа дека тоа е пенал, а истиот успешно го реализира Дејан Манаасков, за прв пат нашата репрезентација да стигне до два гола позитива 24:26, што беше знак за противничкиот селектор да повика тајмаут. Истиот даде резултат за Исланд кој набрзина направи мини серија од два погодоци со кои израмни на 26:26. Гледавме навистина интересен и брз ракомет од двете страни. Македонија со голот на Талевски успеа да стигне до водство од 28:29, додека на голот Митревски ја бележи својата прва интервенција. Палмарсон беше нерешлива енигма за нашата одбрана, со негов нов гол исланѓаните израмнуваат на 29:29, за со нов гол на Талевски повторно да поведеме. Неверојатна партија за Стоилов, кој со својот четврти гол ни носи предност, во моменти кога имавме играч помалку на теренот.На 90 секунди пред крајот резултатот беше израмнет на 33:33. Манасков реализира пенал, за голема победа од 33:34. Најпрво Македонија имаше напад за победа, ни беше досудено пробивање, по што тренерот на Исланд повика минута одмор. Останаа десет секунди во кои Исланд, ја загуби топката, а еден од нивните играчи неспортски реагираше, по што беше досуден пенал за Македонија. Истиот го реализира Манасков и тоа од втор обид, за голема победа на нашата репрезентација.