Friday ,29 March 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Втор тим > Анѓеловски и Кукуловски го решија Радовиш, Вардар Јуниор стигна до петтата победа во Супер-лигата
Анѓеловски и Кукуловски го решија Радовиш, Вардар Јуниор стигна до петтата победа во Супер-лигата

Анѓеловски и Кукуловски го решија Радовиш, Вардар Јуниор стигна до петтата победа во Супер-лигата

Вардар Јуниор стигна до петтиот триумф во Супер-лигата, откако вечерва во големата сала на С.Ц Јане Сандански го победи поискусниот тим на Радовиш (29:26.

Вардар Јуниор одлично го стартуваше натпреварот и во првите 7 минути од дуелот имаше предност од 5:0. Успеавме да реализираме во вториот напад преку Дејан Кукуловски, додека Виктор и Стефан Крстевски беа играчите кои успеваа да ги постигнат следните два гола и да зголемат на 3:0. Мора да се потенцира дека одлично на голот започна и Марко Кизиќ кој во првите пет минути од дуелот веќе имаше и четири одбрани, од кои една беше зицер удар на противникот. Стефан Крстевски продолжи да го полни голот на Радовиш, овој пат реализираше од седум метри за водство од 4:0, додека прв гол постигна и Ќосевски Ален, за резултат 5:0 на семафорот во големата сала на С.Ц. Јане Сандански. Ова беше повод за тренерот на Радовиш да повика тајмаут. Некако се консолодира противникот во следните минути кога сврза три гола во серија и намали на 5:3, но младите Вардарци вратија на ист начин и со серија од 3:0 ја вратија онаа најголема позитива од пет голови разлика (8:3). Повторно Крстевски Стефан постигна два гола, додека еден беше за пикерот Гашовски. Гостинскиот тим не дозволи пред време да се одлепи нашиот состав, па со два гола по ред го намали резултатот на 8:5, а Петрушевски од клупата побара минута одмор. Со голот на Кукуловски имавме позитива од 9:6, но Радовиш целосно се враќа во игра и со серија од 0:3 успева да израмни на 9:9. Чакалиќ беше играчот кој ја врати предноста на 10:9, имавме и водство од 14:13 со голот на Ќосевски, но на полувреме ниту една од екипите немаа предност, резултатот по истекот на првите 30 минути беше израмнет 14:14.

Радовиш на стартот од второто полувреме постигна три последователни голови и за прв пат поведе со највисоки 14:17. Стефан Крстевски беше играчот кој ја прекина серијата и намали на 15:17. Противникот уште во неколку наврати имаше позитива од два гола, но Стефан Чакалиќ постигна гол за израмнување на 23:23. На голот застана Анѓеловски кој имаше некоку одбрани, со благодарение на кои се вративме во мечот. Успеавме да стигнеме и до два гола позитива (26:24) откако мрежата на Радовиш ја погоди Кукуловски. Врати Радовиш со два гола за израмнување на 26:26, но повторно Кукуловски со два нови погодоци зголемува на 28:26, додека Анѓеловски брани зицер удар на противникот. Остана уште една минута од мечот во која Анѓеловски одбрани пенал, а Чакалиќ погоди за 29:26, резултат кој беше конечен на крајот.

Најефикасен кај нас беше Дејан Кукуловски со осум гола, додека Стефан Крстевски  и Ален Ќосевски имаа по шест гола.