Вардарци по освоениот трофеј во СЕХА-лигата се вратија на домашните обврски. Вечерва во Битола, избраниците на Раул Гонзалес гостуваа на екипата на Еурофарм Работник, која ја совладавме со резултат 19:24. Ова беше прв триумф за Вардар во плеј-офот од супер лигата.
Натпреварот со одбрана од пенал го започна Страхиња Милиќ, додека ние во првиот свој напад реализираме преку Карачиќ. Во следните минути се играше гол за гол, а за прв пат Еурофарм имаше предност од 3:2. Следниот гол црвено-црните го постигнуваат дури после четири минути кога реализираме за 3:3 преку Иван Чупиќ. Во овој период одличен на голот беше голманот на Еурофарм Работник, кој е најзаслужен што неговата екипа повторно да има минимална предност од 4:3. Сепак Вардарци го засилуваат темпото на игра и во наредниот период прават серија од 0:4, со која за прв пат на натпреварот стигнуваат до три голови разлика, што беше и нивно највисоко водство во првото полувреме. Во 15 минута имавме предност од 4:7, а имавме и резултат 5:8 со голот на Деревен за домашниот тим да постигне три последователни голови и да го израмни резултатот на 8:8. Стоилов повторно го враќа Вардар во позитива 8:9, за да следи мини серија од ва гола на двете екипи. Најпрво Работник поведе со 10:9, за црвено-црните повторно да ја вратат предноста на 10:11. На позицијата лево крило денес стартуваше Владо Недановски, па токму со неговиот гол имаме позитива од 11:13. До крајот на првото полувреме по еден гол на двете страни, за резултат од 12:14 по истекот на првите 30 минути.
Одлично започна второто полувреме за Вардар кој полека почна да го крши отпорот на противникот. На стартот на второто полувреме направивме серија од 0:3 за предност од 12:17, за момент да му допуштиме на Еурофарм да намали на 13:17, по што следат нови три последователни голови на Вардар, за 13:20 со голот на Иван Чупиќ. Истава разлика ја одржувавме и во следните осум минути, кога резултатот на семафорот гласеше 16:23. До крајот на натпреварот го одржуваме водството, единствено што направи Еурофарм е да го намали резултатот на 19:24, што беше и конечен на крајот. Најефикасен во нашите редови беше Чупиќ со 7 голови.
Со ова стигнавме до првата победа во супер-лигата, а натпреварите за Вардар продолжуваат во текот на утрешниот ден, со домашен дуел против Пелистер.