Вардар го освои четврото место на силниот меѓународен турнир “Хеиде Куп„. Во борбата за пласман денес бевме поразени од екипата на Лајпциг, со резултат 27:26.
Во првото полувреме видовме мал број на постигнати голови, а Вардар подобро го стартуваше дуелот, кога со головите на Фереира и Дибиров поведовме со 0:2. Првото израмнување се случи во 6 минута, кога Лајпциг го израмни резултатот на 2:2. На нашиот гол повторно како стартер беше Дејан Милосављев кој во првиот дел имаше пет успешни интервенции. Следеше период кога двете екипи се менуваа во предност, а противникот за прв пат имаше позитива во 10 минута, кога резултатот беше 4:3. Сепак црвено-црните успеваат да направат серија од 0:3 и со погодокот на Скубе да ги вратат двата гола предност од почетокот ( 4:6) во 15 минута. Стигна повторно Лајпциг и го израмни резултатот на 6:6 во 17 минута. До крајот на првото полувреме, Вардар влезе во играчка криза и постигна само два гола. Последното водство на Вардар беше во 24 минута кога погоди Фереира за предност од 7:8, со што до крајот на првиот дел, германците направија серија од 4:0 и на одмор заминаа со солидно водство од 11:8.
Лошо го стартувавме второто полувреме, кога по само пет минути игра, Лајпциг направи серија од 4:1 и поведе со највисоки 14:9, иако дискутабилни беа и некои судиски одлуки, кои одеа на штета на Вардар. Ниту во следните седум минути не успеавме да ја пронајдеме својата игра, па во 44 минута имавме негатива од 20:13. Одлични два продори и голови на Скубе, со кои намалува на 21:16 и покажува дека ќе биде достојна замена за Циндриќ. Нов гол и за Дибиров, црвено-црните дојдоа до четири гола негатива, во 47 минута. Каков нов цепелин на Скубе и Дибиров, воодушевување кај присутната публика. Лајпциг повторно стигна до пет голови разлика и беше блиску до победата. Сепак не се откажавме така лесно и благодарение на одбранетиот пенал на Милосављев и голот на Горбок, црвено-црните стигнаа до три гола негатива (26:23) на пет минути пред крајот на мечот. Вардар беше се поблиску до водството на противникот, аигравме поцврсто во одбраната, па тоа ни донесе и нови два гола во нападот, преку Дибиров и Скубе, намаливме на 26:25. На крајот сепак триумф на Лајпциг изразен со резултат 27:26.
Во псоледниот напад цела една минута и 15 секунди, Лајпциг имаше топка во свој посед и судиската двојка им ја одзема топката на само две секунди пред крајот. Дефинитивно лоша судиска арбитража на овој дуел, што не доликува за ваков силен меѓународен турнир.
Дибиров беше најефикасен со 8 голови, додека по 4 постигнаа Скубе и Борозан.