Кадетите на ракометниот клуб Вардар стигнаа до нов тримф во рамките на групата 3 од кадетската лига. Денес избраниците на Андријана Будимир гостуваа во Кичево, на екипата на Војнисон Вардар, која ја совладаа убедливо со резултат 17:46.
Првиот гол на мечот го постигна домашниот тим, за црвено-црните да вратат со серија од четири последователни погодоци (1:4) и уште на стартот да покажат дека бодовите ќе завршат кај нив. Последната резултатска рамнотежа на овој дуел беше при резултат 3:5, кога започна нова серија на вардарци од 0:6 за веќе да стигнат до убедлива предност од 3:11. На средината на првото полувреме имавме двоцифрена предност од 5:15, а кога одминуваше првото полувреме постојано го зголемувавме водството, за по истекот на првите 30 минути да имаме убедливи 9:24 во наша корист.
Вториот дел започна со два гола во серија на црвено-црните кои имаа убедливо водство од 9:26. Тренерот на Вардар, Андријана Будимир им даде шанса за настап на сите играчи кои и беа на располагање за денешниот дуел. Интересно сите играчи, со исклучок на едниот голман, а тоа е Ненад Ангеловски кој не успеа да постигне гол, додека неговиот колега на голот, Давид Стојкоски му успеа тоа и мечот го заврши со еден гол зад неговото име. Сите останати исто така ја погодија мрежата на противникот. На секој гол на Војнисон, нашите кадети одговараа со серија од неколку голови, па на крајот домашниот тим не можеше да избегне висок, пораз кој беше изразен со резултат од 17:46.
Вардар: Стојкоски 1, Јовевски 4, Мишески 6, Чакалиќ 3, Павлоски 3, Атанасоски 4, Ангеловски, Димитријески 4, Јанчев 3, Србиноски 4, Груевски 2, Трајчески 1, Савревски 7, Димчески 1, Мирчески 1, Калаѓоски 2.
Ова беше вкупно 12 победа за кадетите на РК Вардар кои имаат само еден нерешен резултат и се без пораз. Во последното коло од регуларниот дел на домашен терен го пречекуваме тимот на Бутел. Вардар со сигурност ќе заврши на првото место во својата група, што значи и пласман на завршниот турнир.