Денес во С.Ц. Јане Сандански започна ново коло во ракометната „Јуниор Лига“. Во големата сала утрово се одиграа два натпревари во машкиот дел кај генерацијата родени 2008/09 година.
На првиот дуел се сретнаа екипите на РК Филип и Кисела Вода, кој заврши со нерешен резултат 16:16. Во текот на целиот натпревар гледавме израмнета игра, на кој и двете екипи се менуваа во водство. Тимот од Прилеп во првото полувреме, во неколку наврати имаше предност и од два гола. Така беше кога резултатот беше 5:3 и 6:4, но екипата на Кисела Вода врати со серија од 0:3 и поведе со 6:7. Имаше екипата на Кисеа Вода и водство од 8:9, но следеше добар период за прилепчани кои постигнаа три последователни голови, па на полувреме се стекнаа со предност од 11:10.
Во второто полувреме видовме помал број на голови, а екипата на Кисела Вода имаше добри пет минути кога со серија од 0:3 го превзеде водството од 11:13. Тие беа во предност и во последните три минути кога водеа со 14:16, но екипата на РК Филип ги постигна последните два гола и се избори за бод од овој интересен меч во „Јуниор Лигата“.
На вториот меч во истава генерација силите ги одмерија екипите на Ангели и Седмерец. И на овој дуел имаше возбудувањата се до последната минута, а победата со два гола разлика (17:19) ја однесе екипата од Охрид. Во првото полувреме се играше израмнето и ниту една од екипите немша поголема предност од еден гол, а на полувреме, Седмерец имаше минимална предност од 7:8.
Екипата на Ангели подобро го стартуваше второто полувреме кога успеа да направи серија и да поведе со 11:9. Сепак екипата на Седмерец го израмнуваше резултатот, за повторно Ангели да имаат два гола позитива (16:14). Сепак екипата од Охрид имаше подобри завршни пет минути во кои направи серија од 1:5 и на крајот дојде до триумф од 17:19.