Попладнево со почеток од 18:00 часот, ракометниот клуб Вардар ќе означи старт на подготовките за новата натпреварувачка сезона. Својот прв собир ќе биде во С.Ц. Јане Сандански.
Се очекува на првиот тренинг да се појават и новите засилувања, Дејан Милосављев ( голман), Сергеј Горбок ( лев бек), Димитри Киселев ( десен бек) и Стас Скубе ( среден бек). Дилемата која се уште останува неразрешена е дали ќе има и нов пикер, но и тоа би требало да биде познато на денешниот прв собир, како и околу помошникот тренер кој ќе биде асистент на Парондо од клупата. Дали можат да се појават и некои нови играчи од вториот тим, останува да видиме.
Во Скопје ќе се тренира до 31-ви јули, по што екипата ќе замине на подготовки во Крањска Гора. Предвидени се два силни меѓународни турнири, во Германија и Стразбур, каде црвено-црните ќе ја темпираат формата пред почетокот на новата сезона, како и супер куп дуелот против тимот на Металург. Оваа сезона Вардар е исто така дел од најсилната група А на ЛШ, заедно со екипите на Киелце, Веспрем, Барселона, Кристијанштад, Брест Мешков, Рајн-Некар и Монпелје.
Вардар брани три тгрофеи, еден во СЕХА-лигата и два во домашните натпреварувања, а има абиции и цел да го повтори успехот од сезоната 2016/17 кога станаа шампиони на Европа.