Четири победи и еден пораз на досегашните контролни натпревари за нашиот ракометен шампион, пред почетокот на новата натпреварувачка сезона. Ги добивме двата дуела против екипата на Горење, за време на подготовките во Крањска Гора. Првиот минимално (26:27) и вториот многу поубедливо (27:38) во корист на црвено-црните. Изминатиов период учествувавме на турнирот “Белгазпромбанка“ во организација на Брест Мешков. Тука го освоивме второто место, со две победи и еден пораз. Совладани беа Сесон Рен од Франција (39:28) и Висла Плоцк (34:33) . Во решавачкиот меч за првото место бевме поразени од Мешков (29:26).
На сите овие мечеви не настапија Хрватските репрезентативци Карачиќ, Циндриќ и Чупиќ кои беа дел од својата селекција на олимписките игри во Рио. Марсениќ и Деревен пак не отпатуваа во Белорисија, поради ситни повреди. Со екипата во подготвителниот период настапија Тоше Ончев, Мартин Попоски и Владо Недановски од редовите на Вардар Јуниор. Тука беа и новите засилувања Фереира, Кањелас и Борозан. Токму новите играчи Борозан и Кањелас беа најефикасни според бројот на постигнати голови. Вака изгледа листата на играчи со погодоци кои ги постигнаа на овие контролни мечеви.
1. Вуко Борозан 30
2. Жоан Кањелас 28
3. Тимур Дибиров 23
4. Алекс Душебаев 19
5. Хорхе Македа 16
6. Рожерио Фереира 13
7. Данил Шишкарев 13
8. Стојанче Стоилов 8
9. Мијајло Марсениќ 4
10. Мартин Попоски 3
11. Тоше Ончев 1