Тимот на Вардар се пласираше во уште едно големо финале во ракометната СЕХА лига, попладнево нашите играчи во целост го надиграа тимот на Загреб и заслужено славеа победа издвојувана со резултат 36:28 (19:12). Нашиот тим сега ќе го очекува својот противник во неделното финале.
Вардарци одлично го отворија натпреварот. По воведните 10. минути нашиот тим имаше предност од три голови разлика 5:2, ова беше причина уште во 10. минута тренерот на Загреб да го побара првиот тајм-аут на овој натпревар. Иако нашиот голман Милиќ немаше одбрана по првите 11. минути, сепак нашиот тим прими само два погодоци. Добрата игра на нашиот тим продолжи и до средината на првиот дел, во 17. минута “црвено – црните” имаа предност од четири голови 11:7, Борозан беше расположен за игра, постигна четири погодоци од исто толку обиди до оваа минута. Дури четворица играчи на Вардар беа искличени до 20. минута. “Бомбите” на Борозан продолжија, со неговиот шестти погодок Вардар во 22. минута имаше предност од 14:10. Во 24. минута Вардар ги достигна највисоките плус пет на овој дуел. Веќе во 28. минута Вардар стигна и на плус шест со голот на Чупиќ од контранапад. На полувреме Вардар замина со предност од максимални плус седум 19:12.
Второто полувреме подобро го започнаа противниците, во 38. минута тимот на Загреб успеа да намали два од негативата и да се доближи на минус пет. Со два брзи голови на Македа и Чупиќ, Вардар дојде до нови плус седум во 39. минута од мечот. Иако нашите голмани немаа свој ден, сепак и стрелците на Загреб не беа расположени за голови. Резултатската нишалка од пет до седум голови предност продолжи и до средината на вториот дел. Се беше јасно на овој натпревар уште во 48. минута од мечот. “Црвено – црните” во 53. минута ги достигнаа највисоките плус осум на овој меч 31:23. Се до крајот на мечот нашиот тим рутински си ја доработи својата задача без посериозни проблеми.
Во екипата на Вардар најефикасни беа Чупиќ со 8 и Борозан со 6, Игор Карачиќ и Алекс Душебаев додадоа по четири гола.