Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Ново соочување на Вардар и Загреб, кој ќе го добие нивниот 15-ти меѓусебен дуел во сеха-лигата
Ново соочување на Вардар и Загреб, кој ќе го добие нивниот 15-ти меѓусебен дуел во сеха-лигата

Ново соочување на Вардар и Загреб, кој ќе го добие нивниот 15-ти меѓусебен дуел во сеха-лигата

Денес и во недела не очекува нов ракометен спектакл на завршниот турнир во сеха-лигата. Вардарци ќе се обидат да го освојат треттиот тофеј во балканската лига и да го задржат приматот на најдобар тим во ова натпреварување. Стана навика од првата година на сеха-лигата на завршниот турнир да се сретнуваат екипите на Вардар и Загреб. Интересно е што ова е нивни дури 15-ти меѓусебен дуел во лигата. Црвено-црните се подобри за една победа, односно седум натпревари им припаднале на Вардарци, шест на Загреб додека еден меч завршил со нерешен резултат.

Нашиот ракометен шампион веќе има два трофеи во ова натпреварување и тоа во првата година кога токму во Хрватска во полуфиналниот меч бевме подобри од денешниот противник, за во финалето да го совладаме тимот на Металург. Веќе следната сезона, Загреб го врати ударот откако успеа да не победи во големото финале кое се одигра во С.Ц. Борис Трајковски. Во треттата сезона на сеха лигата Ф4 се одигра во Нови Сад. Повторно соочување на овие две екипи во полуфиналето, Вардар беше подобар закажувајќи финале со екипата на Брест Мешков. Совладан беше и Белорускиот шампион за трет трофеј во сеха-лигата. Веспрем имаше можност во првата година откако се приклучи во лигата да биде домаќин на завршниот турнир на најдобрите четири екипи. Унгарскиот шампион беше победник минатата сезона, откако во финалето го победи тимот на Брест Мешков. Во борбата за треттото место Загреб го совлада Вардар со резултат 23:26.

Оваа натпреварувачка сезона продолжија соочувањата меѓу Вардар и Загреб. Најпрво избраниците на Веселин Вујовиќ ни го нанесоа првиот пораз во лигата (30:25) за Вардар да врати на вториот натпревар со убедлив триумф (33:24). Прв на табелата во регуларниот дел заврши екипата на Веспрем со 50 бодови. Вардарци се пласираа на второто место со 44 додека Загреб беше трет со 42 и Брест Мешков со 36 освоени бодови. Хрватскиот шампион имаше остварено 12 победи и 4 порази. Загреб направи голем подвиг во Германија, надоместувајќи ја негативата од еден погодок на првиот меч во Хрватска. Така избраниците на Вујовиќ се најдоа во осумте најдобри екипи во најголемото ракометно натпреварување. Колективната игра е најголем адут на противникот нема поединци кои можат да се издвојат или играчи од кои зависи нивната игра. Можеби најголема сила се нивните голмани Ивиќ и Стевановиќ, како и Павловиќ, Шебетиќ, Мандалиниќ и Хорват. Од двата табори најавуваат голема борба и желба за победа со што би играле во големото финале на петтата сезона од сеха-лигата.

Се очекува Горбок да биде во составот и да му помогне на Вардар да стигне до посакуваната победа, на голот ќе биде Штербик, додека Филип Лазаров го пропушта и Ф4 во сеха. Заморот е присутен и кај двете екипи, нијанси можеби и среќни моменти можат да го одлучат победникот на вториот полуфинален натпревар, кој ќе започне од 20:30 часот со директен пренос на МРТ-1. Во првото полуфинале ќе се сретнат екипите на Веспрем и Брест Мешков.