Утре во С.Ц. Јане Сандански гостува екипата на ППД Загреб, во рамките на дербито од 15 коло во СЕХА-лигата. И двете екипи веќе имаат обезбеден пласман на завршниот турнир во СЕХА-лигата, но сепак очекуваме интересен и квалитетен натпревар. Секогаш мечевите на овие екипи носеле неизвесност и возбудувања, Вардар е фаворит, а овој меч ќе биде како подготовка за саботниот дуел од ЛШ, против екипата на Монпелје. Во врска со утрешниот натпревар, новиот тренер на ППД Загреб, тоа е Бранко Тамше подели комплименти за Вардар, истакнувајќи дека тоа е тим кој игра еден од најдобриот ракомет во Европа.
-Самиот податок дека имаат четири титули во СЕХА и една во Лигата на Шампионите говори за каков Вардар се работи во Европскиот ракомет. Гостуваме кај екипата која игра еден од најдобриот ракомет во последните неколку години. Со оглед дека играат пред своите навивачи, Вардар очекува победа, но и ние сме дојдени за да освоиме бодови. Очекувам мојот тим да одигра квалитетен натпревар, а на крајот ќе видиме дали ќе биде доволно за позитивен резултат од дуелот со Вардар, истакна Тамше.
Играчот на загрепчани, Христиќ, истакна дека двете екипи многу добро се познаваат и дека нема тајни меѓу нив.
-За неколку дена не очекува нов тежок натпревар против еден од најдобрите тимови во Европа, после оној исцрпувачкиот против екипата на Фленсбург. Очекувам присутните навивачи да уживаат во ракометот, кој ќе го приредат двете екипи. Ќе биде тешко, но меѓу нас и Вардар нема тајни, досега имаме одиграно многу мечеви, а победник ќе биде оној кој ќе има повеќе среќа.