Денес во малата сала на С.Ц. Јане Сандански започна ново коло во рамките на „Јуниор Лигата“. Во машкиот дел кај генерација 2008/09 се одиграа два натпревари.
Во првиот се сретнаа екипите на Бисинов 2 и Будимир, меч кој заврши со нерешен резултат 14:14 и со поделба на бодовите. Во текот на целото прво полувреме се играше гол за гол и ниту една од екипите немаа поголема предност од еден гол разлика. По истекот на првите 15 минути резултатот беше 6:7 во корист Будимир.
Во второто полувреме избраниците на Андријана Будимир направија осетна разлика, кога се одлепија на 8:12. Имаше екипата на Будмир и водство од 12:14, но до крајот на мечот тимот на Бисинов се избори за нерешен резултат 14:14.
На вториот меч се сретнаа екипите на Бисинов 1 и Карпош/Урдаревски, а победа издвојува екипата од Велес. Во првото полувреме во два наврати екипата на Бииснов 1 имаше предност од два гола разлика (4:2). Сепак на полувреме ниту една од екипите немаше водство, односно резултатот беше нерешен 6:6.
На стартот од вториот дел екипата на Карпош/Урдаревски поведе со 6:7, но Бисинов врати со три гола во серија и се стекна со предност од 9:7. Повторно гледавме неизвесен натпревар, кога екипата на Урдаревски донесе израмнување на 9:9, а беше и 11:11. Сепак во последните пет минути од мечот подобро се снајде екипата на Бисинов 1, која направи серија од 3:0 и поведе со 14:11. На крајот, триумф за екипата на Бисинов 1 изразена со резултат 15:12.