Нашиот ракометен шампион во средата го означи стартот на подготовките за новата натпреварувачка сезона и тргна во поход кон пласман на најдобрите четири екипи во најголемото ракометно натпреварување. Новитет во составот, кој е предводен од шпанскиот стручњак Раул Гонзалес е приклучувањето на четири млади играчи кои се дел од клубот. Еден од нив е Тоше Ончев, кој заслужено доби повик за подготовки со РК Вардар. Ова момче е веќе шестта година во Вардар, каде ги има поминато сите младински категории на црвено-црните, започнувајчи од пионери, кадети и младинци. Во сите овие генерации, Ончев беше прогласуван за најдобар играч и стрелец во Вардар. Во натпреварувачката сезона 2014/15 добива шанса да биде дел од првиот на Вардар и целосно ја оправдува довербата на Гонзалес. Големи признанија изминативе години за Тоше Ончев, меѓу кои и за најдобар лев бек на Ф4 турнирот во младинската лига, во споменатава натпреварувачка сезона, каде со Вардар стана шампион, беа доволна препорака за Гонзалес да му дава оваа сезона поголема шанса во првиот тим.
-Искрено бев изненаден, кога бев повикан да бидам дел од првиот собир на првиот тим на РК Вардар. Ова за мене претставува големо задоволство да тренирам покрај такви големи имиња на европскиот ракомет и ново искуство кое ќе ми помогне да станам уште подобар играч во мојатата понатамошна кариера. На секој нареден тренинг и натпревар треба да дадам максиум од себе и да ја оправдам укажаната доверба од тренерот Раул Гонзалес. Првите тренинзи беа на високо ниво и се очекува да продолжиме со уште посилно темпо во наредниот подготвителен период, изјави Тоше Ончев за Вардар Фанс.
Звонко Ивановски