Најпријатното изненадување по завршување на првиот дел од сезоната во првата ракометна лига е младиот состав на РК Вардар 2 кој е предводен од човекот кој е долго време во Вардар и како играч и тренер во младинските категории. Избраниците на Зоран Петковски го финишираа есенскиот дел од сезоната на високото второ место, со само еден бод заостанување зад лидерот, екипата на Младост од Богданци, за која настапуваат поранешни репрезентативци на Македонија. Осум победи, само еден пораз и нерешен резултат е учинокот на младите Вардарци во овој дел од сезоната во првата ракометна лига, 25 освоени бодови или еден бод помалку од позицијата која од следната сезона носи директен пласман во најсилната супер лига. Како помина полусезоната за РК Вардар 2 можете да прочитате од преддводникот на оваа екипа, легендата на Вардар и Македонскиот ракомет, Зоран Петковски или популарниот “Зенга“.
-Морам да нагласам дека иако убедливо најмлади (возраст од 17-18 години ) покажавме карактер, сериозност и натпреварувачки дух својствен за многу повозрасни екипи од нашата. Не бевме оптеретени со пласманот, им укажував на ракометарите на почетокот на сезоната дека се ќе си дојде на свое место, само треба голема посветеност и професонален пристап. Во поголем дел од полусезоната беше токму така, а момците напредуваат секојдневно, посветени максимално некогаш и повеќе од тоа што очекувам, а вооедно да ги “разбудиме“, и останатите дека само со поголем влог се стигнува до целта на успехот.
Единствениот пораз беше во Богданци против најголемиот конкурент за првото место, екипата на Богданци, додека на домашен терен во една неизвесна завршница испуштивме победа против тимот на Преспа, играјќи со нерешен резултат. На останатите осум натпревари бевме доминантни и ги освоивме посакуваните бодови.
-Ако гледаме резултатски навистина сме изненадување, но ако ги анализираме сите натпревари поединечно ќе видиме дека поголем број убедливо ги добивме, секако не заборавајки дека не бевме “миленици,“ на луѓето во црно.
Екипата претежно ја сочинуваат играчи кои во минатата сезона беа дел од младинските лиги настапувајќи за екипите на Вардар.
-Не сакам никого да издвојувам, има ракометари кои ,“грабаат“ кон поголемите категории во Вардар, се ќе си дојде на свое место. Знаете оваа возраст е доста би рекол специфична и секое јавно ,“фалење“ може да има спротивен ефект по неговата кариера.
За неколку дена екипата треба да замине за Белград, каде ќе учествува на силениот меѓународен турнир “Трофеј Белград“. Тоа ќе биде комбиниран состав од играчи кои настапуваат во Вардар 2 и играчи кои играат за младинците на РК Вардар под водство на тренерот Слободан Чивлачки.
- Треба да учествуваме на Белградскиот турнир , каде веке трета година по ред сме учесници. Ќе настапуваме со комбиниран состав од неколку екипи каде јас и колегата Чивлачки ке ги предводиме. Малку е време за некое врвно уигрување, но сепак не се предаваме ќе го оставиме срцето на терен и покажеме карактер и на овој турнир , каде има најави на уште посилни екипи од ланскиот турнир.
Звонко Ивановски