Активна е втората натпреварувачка сезона во ракометната “Јуниор“ лига, која продолжува со возбудувањата и континуираното одигрување на натпревари секој викенд. И оваа сезона се очекува да се појават многу талентирани ракометари кои во иднина би биле од големо значење за Македонскиот ракомет. РК Вардар-Виница е новата ракометна школа која се приклучи во новата натпреварувачка сезона и ја почуствува “енергијата“ во Јуниор лигата. Член токму на оваа школа е Тамара Вучкова која настапува за генерацијата родени 2000/01 година. Во следново интервју ве запознаваме токму со Тамара, нејзините почетоци во ракометот, впечатоците од дебитанската сезона во “Јуниор“ лигата, настапите и остварените резултати со РК Вардар-Виница.
1. Како се случи да се занимавате со ракомет и кога беа вашите први почетоци со овој спорт ?
-Најпрво тренирав кошарка 5 години, но како што одминуваше времето кај мене почна да се раѓа желбата за играње ракомет. Со тренинзи почнав да се занимавам пред 2 години, самата упорност и страста која ја имам за ракометот ме натераа како капитен на екипата и нашиот тим да се стремиме да постигнуваме одлични резултати.
2. Може ли да ни кажете нешто повеќе за вашата школа, колку време функционира и кои се тренери работат во неа ?
-Нашата школа е активна веќе три години и брои околу 50 играчи. Нашите тренери кои напорно се трудат да го извлечат максимумот од нас на секој тренинг и кои ни се верни поддржувачи и во успесите и во падовите се Петре, Александар и Зоран Бошески. Секако, освен трудот кој го вложуваме ние, играчите, поддршката од тренерите е многу битна за една екипа да достигне врврни резултати и да биде на пиедесталот во ракометот.
3. Како дебитанти во “Јуниор“ лигата, кое е вашето мислење за овој проект на РК Вардар и колку истиот има значење за вас како школа и воопшто за Македонскиот ракомет ?
-Како за прв пат одлично се снаоѓаме во јуниор лигата, а тоа го покажува и втората позиција на табелата. Ваквиот проект на РК Вардар е од големото значење за сите академии од сите градови во републиката. Преку овој проект освен што можеме да ги истакнеме нашите способности во ракометот, се стекнуваме и со многу пријателства и дружба со другите играчи. Тоа е од големо значење за нас бидејќи не е важен само натпреварувачкиот дух на проектот туку и пријателската страна. Преку овој проект исто така имаме шанса да се запознаваме и со многу врни ракометари.
4. Засега се одиграа шест кола во ова натпреварување. Какви се вашите резултати и колку сте задоволни од прикажаната игра на својата екипа ?
-Од досегашните одиграни 6 кола, имаме 5 победи и 1 пораз, што значи дека нашите резулати се прилично одлични. Ние како тим, сме задоволни од постигнатото, но факт е дека секогаш може подобро.
5. Што е она кое е највпечатливо во настапите од “Јуниор“ лигата ?
-Највпечатливото е тоа што преку овој проект ние сме поблиску до РК Вардар и преку лигата се стигнува до пионерскиот, кадетскиот тим на Вардар, а зошто да не и до првата екипа што мислам дека е цел на секој играч.
6. Дали имате некоја цел преку “Јуниор“ лигата, или еден ден се гледате во младинските екипи на ракометниот клуб Вардар ?
-Ваквите настапи неверојатно добро ќе ми помогнат во понатамошното надградување и усовршување во ракометот. Огромната мотивација која ја добивам после секоја победа, па и пораз, ме тера да се трудам и понатака.
Звонко Ивановски