Денес на програмата беа дуелите во пионерската машка и женска лига, во двете екипите на Вардар имаа свои настапи. Девојките триумфираа, а момците беа поразени. Помладата пионерска екипа на Вардар Јуниор предводена од Зоран Петковски-Зенга денес гостуваше, тие се сретнаа со тимот на РК Металург во Автокоманда. На овој натпревар црвено-црните ракометни надежи беа поразени со резултат 22-11.
На почетокот домаќинот подобро влезе во дуелот и поведе на стартот со комотни четири гола, кога поведе со резултат 5-1. Мерачот на време го прекина мечот уште во 3 минута, за неправилна измена, поради што реагираше целата клупа на Вардар за неправдата. Во истата ситуација на нашиот тренер Зоран Петковски му беше доделен жолт картон, за само после неколку минути да ни исклучат двајца играчи. Потоа нашите момци се вратија во игра и почнаа да парираат на противникот. Се влезе во игра гол за гол во продолжение по која на пауза заминавме со четири негатива. На семафорот во Автокоманда стоеше 8-4 за сино-белиот тим на одморот.
Вториот дел двата тима го отворија со по еден погодок за за резултат 9-5 на семафорот. По овој резултат почна тонењето на нашиот тим, противникот успеваше на еден наш гол да врати со неколку во нашата мрежа. Тие постојано ја зголемуваа предноста од минута во минута па на крајот триумфираа со дури 11 гола предност на овој пионерски дуел. Домашниот голман, Брестова го заврши мечот со 15 одбрани, додека нашите голмани имаа многу лош ден, со само три интервенции. Поради болест на денешниот дуел кај Вардар Вардар го немаше Андреј Петрушевски. Кај нас Трајановски Матеј беше стрелец на пет гола, по два гола постигнаа Колевски Петар, Давид Славевски и Петковски Христијан.
Девојките на Анжела Платон и Александра Кузмановска односно пионерска екипа на ЖРК Вардар гостуваше во салата во населбата Ѓорче Петров против екипата на РК Велкова-5. Нашите девојки во еден интересен дуел во кој во поголемиот дел од истиот го контролираа резултатот дојдоа до триумф.
Првиот дел на почетокот беше израмнет, потоа нашите девојки успеаа да се одлепат на противникот. По дваесет минути игра на овој натпревар на одмор заминавме со два позитива за нас. На полувреме црвено-црните пионерки водеа со резултат 9-11. Во вториот дел го засиливме темпото, ја зацврстивме предноста и постепено ја зголемувавме истата. Триумфиравме со пет гола предност на овој натпревар, резултатот на крајот беше 14-19 во наша корист.