Утре повторно ќе се игра меч од елитната лига во Скопје, натпреварот Вардар – Порто е закажан со почеток во 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански“. Пред мечот тренерот и левото крило на црвено-црните дадоа свое видување:
Алушовски: Пред мечот со Порто, атмосферата на тимот е на високо ниво. Убаво е кога ќе се победи противник како Флензбург. Добро работевме, го анализиравме Порто, тоа е екипа која игра добар ракомет, особено 7 на 6. Ако успееме да бидеме одговорни имаме големи шанси и вторпат да се радуваме во Скопје. Максимално ќе бидеме внимателни, бидејќи секој меч е приказна за себе. Останува уште еден ден да одработиме, да се договориме како ќе одиграме и да се потрудиме да дојдеме до втората победа. Нема лесно, секој меч во ЛШ е со посебна тежина.
Дибиров: Сакаме да напредуваме секој натпревар. Против Порто да потврдиме дека победата со Флензбург не беше случајна. Португалскиот тим е многу квалитетен и игра добро независно дали гостува или е на свој терен. Многу се незгодни со тактиката 7 на 6. Ние можеме уште подобро. Ќе покажеме дека сме на добар пат. Излегуваме со ладни глави и цел да играме уште подобро од мечот со Флензбург. Знаеме дека ќе биде тешко, нема лесен противник во Лигата на шампионите, но многу ни е важно да победиме.