Вардар Јуниор стигна до четвртата победа во Супер лигата. Во малата сала на С.Ц. Јане Сандански, младиот состав на Вардар Јуниор беше подобар од екипата на Пелистер 29:25 (12:12).
Избраниците на Стојан Петрушевски први го отворија резултатот, но Пелистер врати со два гола и побведе со 1:2: Ние вративме со погодокот на Ќосевски за ново израмнување на 2:2, за во следниот напад ново водство од 3:2 да донесе Стефан Крстевски. На стартот од мечот и двете екипи наметнаа силно темпо на игра, а во 10 минута резулатот на семафорот беше 4:4, откако ново израмнување донесе Ќосевски со удар од седум метри, а истиов играч од контра-напад погоди и за предност од 5:4. Прв пат на мечот отидовме на два гола позитива во 15 минута од дуелот кога резултатот беше 8:6, додека со нов погодок на Ќосевски од пенал, Вардар Јуниор се одлепи на највисоки 11:8. На голот го имавме одличниот Марко Кизиќ кој нанижа неколку одбрани. Сепак до крајот на првото полувреме, екипата на Пелистер успева да се врати во игра и на одмор да се замине со резултат 12:12.
Пелистер во вториот дел успеава да поведе со 16:18, но Вардар Јуниор прави голем пресврт и со серија од четири погодоци успева да поведе со 20:18. Од тие моменти, избраниците на Петрушевски и Манасков беа во постојана предност. Кизиќ имаше свое „шоу“ на голот, додека во нападот игравме смирено и погодувавме. Во еден момент, екипата од Битола намали на само еден гол негатива (23:22), но младите вардарци собраа сили, повторно се одлепија на три гола разлика, за на крајот да слават триумф со резултат 29:25.
Предводници на Вардар Јуниор во победата беа Ален Ќосевски кој постигна 7, како и Дејан Кукуловски со 6 голови. Марко Кизиќ одличен на голот, имаше 15 одбрани, една од седмерец, како и еден постигнат гол зад неговото име.