Со нов резултатски пресврт екипата на РК Вардар Јуниор успеа да стигне до нова победа во најсилната супер лига. Избраниците на Стојан Петрушески беа подобри на гостуањето кај Работнички и славеа со резултат 24:28. По првите 30 минути, противникот беше тимот кој имаше добра предност од четири голови разлика. На стартот на вториот дел разликата порасна и на шест голови (20:14), но од тој момент црвено-црните направија серија од 0:6 и го израмнија резултатот. Во последните десет минути дојде до израз квалитетот на Вардар, кој поведе со два гола, за на крајот да слави нова победа, која е нивна трета во супер-лигата. Предводник на Вардарци во победата беше крилото Мартин Поповски кој постигна дури 11 голови.
-Натпревар на кој одигравме две различни полувремиња, каде на крај ние излеговме како победници. Во првиот дел влеговме во “грч“ и направивме многу технички грешки, што резултираше на одмор да имаме негатива од четири голови. Сепак во второто полувреме со помош на советите од нашиот тренер успеавме да се вратиме во мечот и да го покажеме реалниот однос на силите. Истото ни се случи и на претходниот натпревар со Радовиш кога на Кале успеавме да се вратиме од слична негатива.
Секако се работи за млада екипа, која ја сочинуваат играчи кои пред две сезони се натпреваруваа во младинските лиги, надополнета со неколку играчи кои имаат некакво искуство со настапи во супер лигата. Сепак ни на еден натпревар не се предадовме така лесно и до крајот беше тешко да се освојат бодови со овој млaд состав на Вардар.
-Покажавме повеќе пати оваа сезона дека можеме да се носиме и надигруваме со сите противници во оваа лига и можеви со малку повеќе спорстка среќа ќе бевме погоре на табелата. Мислам дека овој тим полека созрева, но мислам дека е потребно време за да се направи поголем резултат, изјави Мартин Поповски за нашиот сајт.
Звонко Ивановски