Младинската екипа на РК Вардар е поразена на натпревар од 8.коло во младинската лига. Во салата „Антон Димитров“, Вардар гостуваше на тимот на РК Бутел. Домаќинот до триумф стигна со резултат 30:21 (17:9)
Натпреварот започна со по два гола на двете страни за израмнување на 2:2, кај нас погодија Огнен Тасевски и Давид Најдовски. Голманот на Бутел беше еден од најголемите виновници што домашниот тим имаше предност од осум гола разлика после првите 30.минути. Иако и нашиот голман, Марко Симоновски имаше неколку добри интервенции во првото полувреме. Во 12.минута Бутел се одлепи на четири гола разлика, за Алексеј Цветановски кај нас да го намали резултатот на 7:4. Пропуштивме два напади за да ја намалиме негативата на само два гола разлика, тоа го казни Бутел кој во 21 минута поведе и со 11:6. Продолжи серијата на противникот за предност од 13:6 во 22 минута, по што нашиот тренер побара тајмаут. Во 27 минута преку Иван Најдовски намаливме на 15:9, но на полувреме Бутел имаше високо водство од 17:9.
Интересен беше почетокот на вториот дел, во кој Бутел цели пет минути не постигна гол, додека вардарци постигнаа два гола од својата половина, за намалување на 17:11. На нашиот гол во вториот дел застана Дамјан Стојковски кој нанижа две одбрани, додека Ангел Мирчевски постигна гол за резултат 17:12, за Бутел дури во 37 минута да го постигне првиот гол во второто полувреме. Противникот врати набрзина со серија и во 40.минута имаше двоцифрена предност од 22:12. Со голот на Давид Најдовски во 44 минута ја намаливме разликата на 23:15. Штета што не ги искористивме одбраните на Стојковски, за да се доближиме резултатски до противникот, а Матеј Трпески со погодок го намали резултатот на 23:17 во 49 минута од мечот.На голот го видовме и Филип Митев кој исто така запиша одбрани зад своето име. На крајот Бутел ги освои бодовите славејќи со резултат 30:21.
Давид Најдовски беше убедливо најефикасен играч во нашиот состав, воедно и најдобар стрелец на натпреварот со 9 постигнати голови, додека Ангел Мирчевски имаше 3 погодоци.