Попладнево со својот последен, петти натпревар на силниот меѓународен ракометен турнир кој се игра во Верија на 70 км од Солун-Грција пионерите на РК Вардар го завршија учеството на истиот. На турнирот одигравме пет натпревари од нив добивме четири, а еден одигравме реми (на пенали бевме поразени со еден гол). Поради играта на случајноста и покрај ваквиот одличен скор се пласиравме на петто место.
Во групата со две победи како први се пласиравме во 1/4-финалето каде по пенали бевме совладани. Денес игравме натпревари за пласман, утрово победивме со ПАОК и со тоа се пласиравме во дуелот кој носеше пласман на петтата позиција. Во истиот Вардарци по втор пат беа подобри од екипата на Дукас од Атина, тим кој го победија и во групната фаза. Мечот попладнево го добивме уште во првиот дел кога одигравме одлично и на одмор заминавме со “плус“ четири на семафорот во Верија каде стоеше 11:7 во наша корист. Истата разлика ја зачувавме и во вториот период, во мирна игра гол за гол триумфиравме со четири гола предност. Момците на Адријана Будимир победија на крајот со резултат 21:17.
Во оваа најнова победа на црвено-црните пионери најдобар стрелец кај нашите момчиња повторно беше Бојан Чакалиќ со 8 гола, Савревски Давид и Жерновски Никола постигна по 3 погодоци, а Димитриевски Дамјан погоди два пати. По еден гол впишаа зад своето име следниве четири момци: Мирчевски Давид, Србиновски Дамјан, Мишевски Марио и Трајковски Андреј.
Момците се враќаат за Скопје каде во среда играат клучен натпревар со екипата на РК Работнички, се надеваме на триумф во овој меч и со тоа пласман во најдобрите четири екипи во Република Македонија кои ќе разигруваат за титулата -Шампион. Покрај ова наскоро ќе настапат на нов силен турнир во Завидовиќ каде повторно ќе атакуваат на врвот, тој турнир ќе се одигра од 21 до 23 месецов.