После одигрување на реванш натпреварите од осминафиналето, познати се сите четвртфинални двојки во Лигата на Шампионите.
Вардар го победи Загреб и на вториот меч одигран во С.Ц. Јане Сандански (32:30) и со дури 11 голови разлика го елиминира тимот на ППД Загреб. Противник на црвено-црните и последната пречка до пласманот на завршниот турнир во Келн ќе биде екипата на Пик Сегед. Унгарците славеа и на возвратниот дуел пред својата публика, овој пат многу поубедливо (23:16) против екипата на Висла Плок, која немаше сили за уште едно изненадување во ЛШ.
Барселона и ПСЖ беа екипите кои обезбедија директен пласман во четвртфиналето, со оглед дека завршија како првопласирани во двете најсилни групи. ПСЖ за противник во 1/4 финалето го доби тимот на Киелце, кој успеа на реваншот на свој терен да го победи Мотор Запорожје (34:29), додека првиот меч во Украина заврши со нерешен резултат. Нант ќе биде екипата која ќе им застане на патот на Барселона, до пласманот на Ф4 во Келн. Екипата во која настапува Лазаров успеа на реваншот пред својата публика да ги анулира оние два гола негатива од првиот меч и да го елиминира Рајн-Некар. Нант дома славеше со резултат 30:27, додека на првиот дуел беше поразен со резултат 34:32.
Последната четвртфинална двојка ќе ја сочинуваат екипите на Веспрем и Фленсбург. Веспрем го победи Спортинг и на вториот дуел (35:29), додека Фленсбург го прегази Брест Мешков со двоцифрена разлика (30:20) и убедливо се пласираше во следната елиминациска рунда.
Ова се сите четвртфинални двојки во ЛШ:
Вардар – Пик Сегед
Барселона – Нант
ПСЖ – Киелце
Веспрем – Фленсбург