ППД Загреб, следниот противник на Вардар во лигата на шампионите имаше добра увертира пред мечот со црвено-црните, откако славеше на гостувањето во Словенија, против екипата на Горење Велење во рамките на натпревар од СЕХА-лигата.
На натпревар на кој двете екипи постојано се менуваа во водство, на крајот бодовите им припаднаа на Загреб, кои славеа со резултат 23:25. Во првите десет минути домашниот тим на Горење во два наврати имаше предност од два гола, за шампионот на Хрватска најпрво да израмнат на 7:7, а потоа со три последователни голови на Медвед да поведат со 10:7. До крајот на првиот дел успеваат да го зачуваат водството и на одмор да заминат со предност од 14:12. На стартот на второто полувреме, избраниците на Касим Каменица со два последователни голови го израмнуваат резултатот. Двете екипи се менуваа со предноста, но ниту една од нив немаше поголема разлика од два гола. Во последните осум минути се влезе со нерешен резултат 21:21, но во финишот подобро се снајде екипата на ППД Загреб која славеше на ова тешко гостување, пред мечот на домашен терен со екипата на Вардар.
Најдобри стрелци во триуфот против Горење беа Жарко Марковиќ кој постигна девет, како и Стипе Мандалиниќ со осум погодоци. Со оваа победа, Загреб изби на второто место на табелата, каде лидер е токму Вардар. Токму Загреб и Вардар се среќаваат во следното коло од лигата на шампионите. Оваа сезона одиграа два меѓусебни натпревари и двата им припаднаа на црвено-црните.