На денешен датум, пред точно четири години, Вардар успеа послед една голема битка да се пласира во 1/4 финалето од Лигата на Шампионите. Во С.Ц. Јане Сандански се одигра реванш дуелот од осминафиналето меѓу екипите на Вардар и Висла Плоцк, а за пласман во следната рунда на црвено-црните им беше потребна било каква победа со оглед дека првиот натпревар во Полска заврши со нерешен резултат 30:30.
На натпревар кој изобилуваше со многу израмнувања, цврсти дуели, исклучување, црвени картони и одлично навивање, Вардар успеа да го скрши отпорот на Висла и да слави триумф со еден гол разлика (25:24), која беше доволна за пласман во осумте најдобри екипи во ЛШ.
Најефикасен на тој дуел во нашите редови беше пикерот, Алем Тоскиќ кој постигна 8 голови. Така Вардар во две последователни сезони успеа во 1/8 финалниот двомеч да биде подобар од Висла Плоцк.