Пред точно една година, ракометниот клуб Вардар трет пат во серија успеа да го одбрани трофејот во СЕХА-лигата, вкупно петти за црвено-црните во ова натпреварување.
На завршниот турнир на најдобрите четири екипи, кој минатата сезона се одигра во Брест, вардарци успеаа во големото финале да го победат тимот на ППД Загреб (23:26) и само да ја потврдат доминацијата во СЕХА-лигата. Иако противникот во еден дел од натпреварот имаше предност од три гола, сепак Вардар беше екипата која на одмор замина со три гола позитива (11:14).
На стартот од вториот дел, Загреб ја анулира негативата и го израмни резултатот. Сепак, избраниците на Парондо повторно ја превземаа контролата врз резултатот, поведоа со два гола, а работите станаа појасни кога на седум минути пред крајот имавме и највисоки 19:24. Загреб внесе неизвеснот, кога се доближи на само еден гол негатива, но судбината ја загребчани ја запечатија Стоилов и Скубе, кои го поставија конечниот резултат 23:26 во големото финале на СЕХА. Кај нас, најмногу голови, вкупно 7 постигна Кристопанс, додека по 5 постигнаа Скубе и Дибиров.
Претходно во полуфиналето го победивме тимот на Брест Мешков, кој успеа пак да го освои бронзениот медал, откако во малото финале го победи Нексе.