Пред нас е 7.коло во најсилната група Б од Лигата на Шампионите. Дербито во Скопје заврши со поделба на бодовите, Кил доживеа прв пораз сезонава и тоа на домашен терен, додека сигурни во ова коло беа екипите на Веспрем и Монпелје.
Вардар успеа да освои бод во дуелот со Киелце, меч на кој настапивме без класични десни и леви бекови, па може да се каже дека овој бод е голем за вардарци. Можеше Вардар и да победи, но и да загуби, па на крајот можеби нерешениот резултат е најреален исход. Извештај од мечот можете да прочитате на линкот,ТУКА.
Најголемото изненадување во групата го приреди екипата на Порто, која успеа да му го нанесе првиот пораз сезонава на Кил. Во првото полувреме се играше израмнет меч, период во кој и двете екипи се менуваа во предност, која не беше поголема од два гола разлика. На полувреме, тимот на Кил имаше минимално водство од 14:13.
Во второто полувреме, Кил направи серија од 3:0, поведе со највисоки четири голови разлика и се мислеше дека домашниот тим има контрола на резултатот и победа од овој меч. Сепак не мислеше така и екипата на Порто, која напрво успева да го израмни резултатот на 20:20, а потоа и да поведе со еден гол (22:23). Кил повторно се врати во игра, имаше гол предност во последните три минути, 27:26 беше резултатот во „Шпаркасе Арената“, но сепак португалците ги постигнаа последните два гола и на крајот се радуваа на победата. При нерешен резултат, Кил не успева да реализира преку Билик, додека Порто казни во последниот напад и ги однесе бодовите од овој меч.
Екипата на Мотор Запорожје пропушти пет голови предност од првото полувреме и на крајот загуби од тимот на Монпелје. Со овој пораз, екипата на Мотор се „закова“ на дното на табелата и за нив приказната дека можат да се пласираат во осминафиналето е завршена. Одлично играа украинците во првиот дел, во кој имаа и шест голови разлика, а на полувреме се замина со водство од 17:12.
Домашниот тим имаше контрола на резултатот и во вториот дел, се до последните шест минути од мечот, кога дозволија од предност 24:20, на крајот да загубат со резултат 25:26. Несфатлив пад во играта на Мотор кој испушти чиста победа на овој дуел, бодови со кои ќе ја одржуваа можноста дека можат на крајот да стигнат до 6.место во групата. После овој пораз, тренерот на Мотор Запорожје доби отказ.
Голем чекор наназад кон пласман во 1/8 финалето направи и екипата на Брест Мешков, кој доживеа нов пораз од тимот на Веспрем. Само во првите 10 минути од мечот, домашниот тим беше во предност, кога имаа позитива од 5:2, но за брзо време избраниците на Дејвис ги поставија работите на свое место. Со серија на погодици пред крајот на првиот дел, Веспрем беше тимот кој имаше три гола позитива, на одмор се замина со резултат 17:20.
Веспрем во вториот дел го контролираше резултатот и ниту во еден момент не му дозволи на Мешков да се закани на нивната предност. Рутинска победа за Веспрем со резултат 30:37.
Оваа група станува се поинтересна во која дури шест екипи се на разлика од само три бода. Кил и покрај поразот остана лидер, но сега нивната разлика е намалена.
1. Кил 11
2. Монпелје 9
3. Вардар 9
4. Веспрем 8
5. Киелце 8
6. Порто 8
7. Брест Мешков 2
8. Мотор Запорожје 1