Friday ,03 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Ракометарите на Вардар имаа нови настапи за своите репрезентации, во рамките на квалификациите за пласман на ЕП во Хрватска
Ракометарите на Вардар имаа нови настапи за своите репрезентации, во рамките на квалификациите за пласман на ЕП во Хрватска

Ракометарите на Вардар имаа нови настапи за своите репрезентации, во рамките на квалификациите за пласман на ЕП во Хрватска

Изминатиов викенд беше наменет за ракометни натпревари, во рамките на квалификациите за европското првенство, кое во 2018 година ќе се одигра во Хрватска. Десет играчи на Вардар имаа настап за своите репрезентации.

Македонија е поразена на реваншот во Рејкјавик од селекцијата на Исланд со резултат 30:29. Во најголем дел од првото полувреме имавме водство, кое достигна до три гола (10:7). Неколку наши грешки во тие моменти му дозволија на противникот да направи серија од 6:1 и да поведе со 13:11. До крајот на првото полувреме, Македонија успева да дојде до израмнување на 16:16. Цело второ полувреме, Исланд имаше предност, во еден момент и од четири голови. Разликата се движеше најчесто од 2-3 голови предност во корист на Исланд. Избраниците на Гонзалес стигнуваа до два гола негатива, но немаа сили за комплетен пресврт. Во последните 30 секунди, Лазаров намали на еден гол, но останаа 20 секунди за напад на Исланд, кој успеа да ја зачува топката во своите раце и на крајот да слави триумф. Играчот на Вардар, Стојанче Стоилов постигна 5 голови. Во оваа група, Македонија, Чешка, Украина и Исланд имаат по четири освоени бодови.

Црна Гора успеа на реваншот пред својата публика, минимално со еден гол разлика (31:30) да ја победи селекцијата на Словачка. Во најголем дел од првото полувреме се играше израмнето, каде двете репрезентации се менуваа во водство. Во последните осум минути од првиот дел се влезе со водство на Словачка од 10:12, но до крајот на полувремето, Црна Гора успева да направи резултатски пресврт и на одмор да замине со предност од 16:14. Во вториот дел во неколку наврати, Црна Гора имаше и позитива од четири гола, но големиот број на технички грешки не им овозможија да влезат во мирна завршница. Сепак на крајот успеваат да ги освојат бодовите и да ги зголемат шансите за втората позиција, која носи пласман на ЕП. Повторно одличен беше Вуко Борозан кој постигна 7 голови и беше втор најдобар стрелец за својата репрезентација. Црна Гора е на втората позиција со 4 освоени бодови.

За само три дена, Србија стигна до нова победа во дуелот со Романија. Овој натпревар се одигра во Крагуевац и за заврши со триумф на домаќинот од 27:22. По само шест минути игра, Србија имаше водство од 5:2, но Романците не дозволуваат уште на стартот поголема негатива и за кратко стигнаа до израмнување од 6:6. Сепак до крајот на натпреварот, Србија имаше постојана предност, која не дозволи да ја испушти. Беше и 9:6, додека во 23 минута имаа и највисоки шест голови разлика (14:8). Неколку грешки на домашната репрезентација им овозможија на Романија до крајот на полувремето да намалат на 16:13 и да фатат резултатски приклучок. Добро го отвори вториот дел Србија, каде во 45 минута повторно ги вратија шестте голови предност (23:17). Намалија за момент избраниците на Чави Паскал на 24:20 во 50 минута, но Србија врати со два погодоци во серија и на пет минути пред крај имаа водство од 26:20. На крајот конечниот резултат гласеше 27:22. Од Вардаровите играчи во составот беа Милиќ, како и Марсениќ кој постигна 1 гол. На овој возвратен натпревар не настапи Илија Абутовиќ, кој доби удар во главата на првиот дуел кој се одигра во Баја Маре. Србија е на првото место во групата со 6 бодови, пред Белорусија која има 5.

Победа забележа и Шпанија во дуелот со Австрија, сега многу поубедливо со резултат 35:24. Австрија беше подобрата екипа на теренот во првите десет минути, кога имаше предност од 2:3 и 3:5. Сепак фуријата не дозволи изненадувања, па најпрво го израмни резултатот на 9:9, за до крајот на првот дел со серија од неколку погодоци да зголеми и на 15:11, резултат со кој се замина на одмор. Со нова серија од 3:1 на стартот на вториот дел, избраниците на Рибера зголемија на 18:12. До крајот предноста само растеше, за во еден момент да биде и 28:20, за на неколку минути пред крај да достигне и двоцифрена од 32:22. Последните пет минути беа рутина за Шпанија, која славеше со резултат 35:24 и стигна до својот четврт последователен триумф. На овој меч во составот беа Штербик, како и Алекс Душебаев кој постигна 4 голови, додека Кањелас додаде 2. Шпанија има максимални 8 освоени бодови и се наоѓа на првото место на табелата.

Русија е се подалеку од пласман на ЕП, откако повторно загубија од Шведска. На овој меч кој го одиграа на гостински терен, Русија подобро одигра, но на крајот беше поразена со резултат 25:21. По првото полувреме, избраниците на Торгованов беа во водство од 10:11. Деревен и Шишкарев беа стрелци на по еден погодок.