Tuesday ,21 May 2024
Последни:
Home > Slider > Барса го потврди 1/4 финалето во ЛШ, Вардар и Веспрем ги задржаа позициите на табелата, додека Монпелје е пред елиминација уште во групната фаза

Барса го потврди 1/4 финалето во ЛШ, Вардар и Веспрем ги задржаа позициите на табелата, додека Монпелје е пред елиминација уште во групната фаза

Барселона го потврди директниот пласман во четвртфиналето, Вардар и Веспрем победија и ги задржаа позициите на табелата од претходното коло, додека во последното коло ќе се решава која екипа ќе заврши на 6.место и ќе се пласира во осминафиналето. Ова е епилогот од одиграното 13.коло во најсилната група А од Лигата на Шампионите.

Колото го отворија екипите на Рајн-Некар и Киелце, подобар беше бундеслигашот, која ја прекина серијата од два порази и славеше пред своите навивачи. Може да се каже заслужен триумф за Рајн-Некар кој имаше водство во најголем дел од натпреварот. Во првиот дел имаше само четири израмнувања на дуелот, и на два пати само гостинскиот тим имаше минимално водство. Домаќинот во првиот дел ја достигна најголемата позитива од четири голови, истата ја имаше во три наврати, како и после истекот на првите 30 минути (18:14). На стартот од вториот дел избраниците на Јакобсен достигнаа и пет голови предност, која беше највисока за нив на овој натпревар. До крајот имаа контрола на резултатот, во последните две минути влегоа со предност од три голови, но на крајот можеше лесно да се случи и да загубат бод, сепак ги спаси звукот на сирената. На крајот само минимален триумф од 30:29, но доволен за победа и за израмнување на бројот на освоени бодови со екипата на Киелце.

Знаеме, Вардар се врати на победите во групата и на гостински терен го совлада тимот на Кристијанштад, не беше ни малку лесно, но сепак квалитетот, а може и поголемото искуство на нашите играчи допринесе за победата. Еден од јунаците во триумфот беше Гедбан, кој успешно го замени Милосављев пред крајот на првиот дел и мечот го заврши со 8 одбрани, од кои голем дел беа зицери на противничките играчи. Кристопанс беше ударната „игла“ на Вардар на овој дуел, беше најдобар стрелец и постигна 8 голови, на крајот Вардар славеше со резултат 30:32.

Брест Мешков не успеа да му направи „услуга“ на Вардар и беше поразен на гостувањето во Унгарија. Веспрем имаше многу лош почеток на мечот и по 13 минути игра имаше само еден постигнат гол во мрежата на Пешиќ. Сепак на време се соземаа избраниците на Дејвис, па постепено ја топеа негативата, која по првото полувреме беше само еден гол (9:10).

На стартот од вториот дел стигна и првото водство за Веспрем, кое го испуштија само во еден момент кога Брест Мешков израмни на 13:13. Од тогаш започна серија на домаќинот од 4:1 и се одлепи на 17:14. Беше се полесно за Веспрем, на голот го имаа Миклер кој бранеше феноменално и речиси го откажа противникот. Долгата клупа си го направи своето, Брест не можеше да парира, а на крајот испадна дека Веспрем лесно победил, барем така изгледаше по конечниот резултат на семафорот во „Веспрем арената“ кој гласеше 28:20.

Монпелје немаше шанси против разиграната Барселона, која докажа дека го заслужува првото место во групата и на коло пред крајот си обезбеди четвртфинале. Избраниците на Канаје немаа сили да се надигруваат со шпанскиот шампион, па на крајот го положија „оружјето“. Во првите 10 минути резултатот беше израмнет во четири наврати. После 3:3 започна серија за Барса до 3:7 и од тие моменти до крајот на мечот имаа целосна контрола на резултатот. До крајот на првиот дел имаа и висока предност од 12:18.

Монпелје внесе надеж дека може да изненади пред своите навивачи, имаше навистина добар период кога направија серија од 8:2 и го израмнија резултатот на 20:20. Сепак Барса беше прејака, се одлепи бргу на пет гола позитива, и до крајот играше рутински, за нов триумф од 28:36.

Како изгледа табелата во пресрет на последното коло во групата А:

1. Барселона  22

2. Веспрем  18

3. Вардар  17

4. Рајн-Некар 14

5. Киелце  14

6. Монпелје  7

7. Брест Мешков  7

8. Кристијанштад  5.