Со триумфот против Целје, Вардар стигна до 13-сетата победа во СЕХА-лигата. Иако очекувавме понеизвесен меч на кој противникот требаше да пружи посилен отпор, со оглед на квалитетниот состав кој го поседуваат, тоа не се случи, црвено-црните имаа предност во текот на целиот меч, која на моменти беше и изразена со двоцифрена разлика. На крајот убедлив триумф од 35:27, за потврда на првото место на табелата. На прес-конференцијата после завршување на мечот, тренерот на Вардар, Раул Гонзалез истакна дека голманот Милиќ ја направил разликата на овој меч.
-Честитки за тренерот на Целје и нивните играчи, бидејќи во текот на целата сезона тие играат добар ракомет, тие играат многу брзо и секогаш имаме многу проблеми кога играме против нив. Мислам дека беа уморни бидејќи играа во Париз со ПСЖ пред два дена. Имавме и добар голман во Страхиња Милиќ кој во првото полувреме имаше 10 одбрани и ја направи голема разликата. Во второто полувреме, Целје одигра подобро од нас, но сакам да истакнам дека сум задоволен од победата. Треба да работиме напорно и да се подготвиме за Ф4 во СЕХА лигата и, се разбира, во Лигата на шампионите.
Милиќ беше на голот до 40 минута од натпреварот, забележувајќи дури 15 одбрани, од кои 10 беа во првото полувреме, кога и Вардар ја направи големата предност во своја корист.
Очигледно се подготвувавме подобро за овој натпревар, а Целје не играше онака како што знае и може. Имавме и видео-анализа како на секој натпревар, добро го проучивме шутот на сите ракометари на Целје. Тоа и тренерот го бара од нас пред секој натпревар, без разлика дали играме дома, во СЕХА или во ЛШ, истакна Џамбо.