Раул Гонзалес: Имаме добар противник в недела. ПИК Сегед одигра одличен натпревар минатиот викенд кај Рајн Некар каде што се избори за победа. Тоа е тим со квалитет. Кај нас ќе дојдат за да играат без притисок, но и со зголемена самодоверба. Ситуацијата е подобра отколку против Барселона. Ракометарите тренираа без проблеми и сите ќе бидат подготвени. Стравувам од одбраната на ПИК Сегед. Овој тим може да одигра 6-0, 5-1, но и да играат со фластер. Знам дека подготвуваат нешто специјално за нас. Многупати сме играле против овој тим. Знаеме многу за нив, но и тие знаат како играме. Ситуацијата е добра за нас. Се наоѓаме на прво место, но имаме само еден бод предност во однос на Нант. Тимот од Франција утре ќе го одигра својот натпревар, па ќе можеме да видиме каква ќе биде ситуацијата на табелата пред да го одиграме ние нашиот меч в недела. Ако сакаме да останеме на првото место мораме да одиграме добро. Имаме квалитетен противник, но мораме да дадаме сè од себе и треба да победиме.
Стојанче Стоилов: Во Унгарија одигравме нерешено, па очекувам да биде слично и сега во Скопје. Сепак, очекувам на крајот ние да славиме. Ние сме европски шампиони и така треба да се однесуваме. Играме дома пред наша публика и пред полна сала. После поразот од Барселона се наоѓаме на добро ниво. Се тренираше одлично неделава и се надевам на добра игра и на наша победа. Во Унгарија лесно можевме да загубиме, а потоа на крајот имавме шанса и да победиме. На овој дуел ќе мораме да одиграме цврсто во одбраната и да доаѓаме до шанса за лесни голови. Без тоа тешко ќе можеме до победа.