Вардарци немаат многу време по триумфот над европскиот првак Монпелје во гости на истиот да му се израдуваат. Веќе утре ги очекува дуел и тоа на домашен терен во рамки на СЕХА Газпром лигата. Во оваа средба РК Вардар ќе игра против дебитантот во регионалното натпреварување, романска Стеауа од Букурешт. За мечот кој ќе се игра од 20:15 часот во СЦ „Јане Сандански” веќе се пуштени во продажба билетите по цена од 50 денари. По тој повод денес се одржа прес-конференција на која тренерот и заменик капитенот дадоа свое видување:
Тимур Дибиров: Стеауа имаше повеќе време за да се подготви за овој натпревар. Ние после таков емоционален и физички силен дуел против Монпелје мораме и утре да покажеме исто таков дуел. После овој меч во Лигата на шампионите сакаме да го покажеме истото и во СЕХА. Сакаме да играме на истото ниво секаде. Без разлика кој ќе биде на теренот ние сме тим и најважно за нас е да покажеме најдобра игра. Немавме натпревари во претходните сезони со претставник од романскиот ракомет. Преферираат стилот кој не е карактеристичен за првенството на Романија. Од она што анализиравме видовме акции кои не се својствени за ракометот во Романија. Ќе биде интересно. Не можеме прецизно да кажеме за нив од еден или два одиграни натпревари. Очекувам да биде тежок натпревар, но ние во Скопје не се плашиме од никого и против секого одиме на победа.
Тренерот Роберто Гарсија Парондо: Стеауа е добар тим и во своите редови има ракометари кои играат добар ракомет. Имаме три победи во ова натпреварување, а после победата над Монпелје сме концентрирани само на оваа средба. Важно е да не го загубиме нивото на интензитет и да дојдеме до нова победа.