РК Вардар, владетелот на Европа вечерва во Спортскиот центар “Јане Сандански“ дојде до победа на првиот меч дома во ЕХФ Лигата на Шампионите. Ние го пречекавме тимот на францускиот вице-првак Нант. Момците на Вардар дојдоа до триумф со 27-23, на полувреме европскиот шампион исто така водеше со четири гола, 14-10. На прес-конференцијата по дуелот присутни беа Раул Гонзалес и Тимур Дибиров, тие пред новинарите го изјавија следното.
Гонзалес: Најпрвин да им честитам на Нант кои одигра добар меч. Тие покажаа дека играат добар и брз ракомет. Одигравме добро во последните 15 минути од мечот кога одбраната ни беше на ниво. Кога беше најпотребно функционираше како што треба. Контранападот и полуконтрата функционираше добро, а имавме поддршка и од Штербик. Нант имаше свои моменти и ни беше навистина тешко за да дојдеме до посакуваниот резултат. Задоволен сум што го добивме овој натпревар. Дојдовме до два бода со 4 гола разлика и успеавме да го направиме она за коешто сакавме. Оваа победа беше навистина тешка и затоа мораме да бидеме задоволни од направеното.
Дибиров: Двете екипи бевме малку нервозни затоа што и ние и тие немаа пораз. Задоволни сме што победивме и дојдовме до бодови дури и кога не бевме на ниво. На таков начин победуваат големите екипи кои може да си го дозволат тоа. Нант е одлична екипа, не се предаде до самиот крај, а нам не ни одеше баш најдобро. Имавме ресурс кој го искористивме во тешките моменти. Сигурен сум дека Нант ќе ја изненади Европа со своите настапи, затоа што се работи за одличен тим.