Вардар ја оствари првата победа сезонова во СЕХА-лигата. Црвено-црните полесно од очекувањата убедливо славеа на гостувањето кај Војводина, триумфирајќи убедливо со резултат 16:26.
Вардарци имаа предност во текот на целото прво полувреме, само во 9.минута резултатот беше израмнет на 3:3. Добро го започнавме натпреварот, откако со головите на Моралес и Дибиров имавме предност од 0:2. После израмнување на резултатот следеше серија за црвено-црните од три последователни голови, од кои два беа дело на Чувара, за водство од 3:6. Добро игравме во овој дел од мечот, не дозволувајќи на домашниот тим да постигне многу голови, додека на голот го имавме и Мартин Томовски кој првото полувреме го заврши со пет одбрани. На пет минути пред крајот на првиот дел имавме и највисоки четири голови разлика кога со голот на Кевин Њокас поведовме со 6:10. Неколку наши неискоритени напади, како и промашениот пенал на Дибиров доведоа Војводина да ја преполови нашата предност, па на одмор да замине само со два гола заостанување (9:11). Во првиот дел најрасположени за голови беа Куни Моралес и Оливие Њокас кои имаа по 3 погодоци. Гаџа се повреди на стартот од натпреварот, па во продолжение моравме да играме и без единствениот среден бек во овој состав на Вардар.
Вториот дел започна со првиот гол за Филип Талески, додека одбрана забележа и младиот Васил Гогов кој одбрани седмерец на Оцвирк, а Вардар имаше предност од најголеми 9:14 по пет минути игра во второто полувреме. Избраниците на Дејвис имаа контрола на резултатот во овој дел од натпреварот, откако стигнаа и до високи шест гола предност (11:17) беше по 42 мнути игра. Браво за младиот Гогов, кој брани и втор седмерец на Војводина, ова е голем поттик за младиот чувар на мрежата, кој покажува дека има во него квалитет. Вардар продолжи да го полни домашниот гол, нова контра и погодок за Дибиров кој зголеми на 11:18, противникот постигна само два гола во второто полувреме за цели 18 минути. Сите работи околу победникот станаа јасни во 47 минута кога Вардар стигна до двоцифрена предноста од 11:21. Последните десет минути беа рутина за вардарци кои славеа победа со резултат 16:26.
Најефикасни во нашите редови беа Дибиров кој имаше 7 голови, додека браќата Њокас постигнаа по 4.