Денес во спортскиот рекреативен центар Кале започна четвртото издание на ракометниот турнир “Вардар, еден живот, една љубов“ во организација на нашиот клуб. Денес и утре ќе биде познат победникот во машкиот дел, кај генерацијата родени “2004/05“ година. Екипите се поделени во три групи, од по четири екипи. Пласман во полуфиналето ќе обезбедат првопласираните од трите групи и втората најдобра пласирана.
Првиот натпревар беше во рамките на групата А, во која тимот Илинден славеше победа против Ангели. Екипата на РК Илинден добро го започна натпреварот со предност од 3:0, за по четири минути игра првиот гол да го постигне и екипата на Ангели. Имаа Илинденци и највисоки четири голови разлика (6:2), но како течеше првото полувреме, екипата на Ангели се повеќе се доближуваше на нивното водство. Со серија од 0:3 намалија на 6:5, а во следните три минути успеваат и да го израмнат резултатот на 7:7. До истекот на првите 15 минути, Илинден успева да замине со минимално водство од 10:9.
На стартот на вториот дел, уште во два наврати Ангели го ирамнуваа резултатот, но до крајот на мечот доминираше шампионската генерација на Илинден. Сепак квалитетот е на нивна страна, но им требаше време на момците на Дарко Јанев да се “разбудат“ и да го покажат своето вистинско лице. Така беше кога постигнаа седум последователни голови и се одлепија на водство од 20:12, по што беше јасно кој ќе ги освои бодовите на премиерниот натпревар на отварање на турнирот. Последните пет минути беа само рутина за Илинден, кој ја апиша стартната победа во рамките на групата А, со резултат од 23:16.
Во победничкиот тим, Андреј Петрушевски беше најдобар стрелец со 8 голови, а него го следеа Петар Цветковски со 6, Матеј Трајановски, Александар Стојменов и Петар Колевски кои постигнаа по 3 голови.
На вториот натпревар од групата А, екипата на Будимир беше поуспешна од тимот на Асови. Во текот на целиот меч, РК Будимир имаше предност и на крајот сосема заслужено победи. Започнаа со водство од 3:1, но екипата на Асови даваше отпор во првото полувреме и на краток одмор се замина со предност на Будимир од 7:5.
Истава ралика беше активна и на стартот на второто полувреме, кога при резултат од 8:6, екипата на Будимир успева да го направи вистинскиот чекор кон победата. Направија серија од 5:0 и поведоа со убедливи 13:6. Немаше време за поголеми возбудувања, на крајот испадна и убедлива победа за екипата Будимир, која слави со двоцифрена предност од 19:9.
Тадеј Аритонов кај Будумир постигна 9 голови, додека втор стрелец беше Кирил Симоновски кој постигна 6 голови.
Интересен натпревар во рамките на групата Б, одиграа екипите на ОПШ.Кисела Вода и Урдаревски, натпревар кој им припадна на Ураревски со резултат 14:16. Екипата на Урдаревски во најголем дел од мечот беше во предност, а прва беше која поведе со два гола разлика (2:4). Сепак Кисела Вода не се предаваше и одржуваше резултатска неизвесност. Така беше кога го израмнија резултатот на 6:6, но следеше одговор од Урдаревски, кој со три последователни голови се одлепи на предност од 6:9. Истава разлика ја имаа како предност и по истекот на првите 15 минути, кога резултатот на семафорот гласеше 8:11.
Нови два гола на почетокот на второто полувреме за Урдаревски кој веќе имаше солидно водство од 8:13. Благодарение на головите на Христијан Петковски, екипата на Кисела Вода успева да донесе резултатска неизвесност и на минута пред крајот да го намали реултатот на 13:14. Сепак во следниот напад, Урдаревски постигнува гол и зголемува на 13:15. По еден брз погодок во последните секунди на двете страни, за конечен резултат од 14:16.
Благоја Петровски и Филип Карајановски кај Урдаревски постигнаа по 6 голови.
Натпревар со мал број на голови на вториот меч од групата Б, одиграа екипите на Карпош од Куманово и Балтепе од Тетово. Иако екипата на Балтепе имаше предност од 1:3, до крајот на првиот дел не успева да псотигне гол, напротив Карпош кој со серија од 4:0 го заврши првиот дел, за предност од 5:3.
Првиот гол во второто полувреме го постигна екипата на Балтепе за намалување на резултатот на 5:4, но следиме серија на кумановчани од 3:0 кои се одлепија на недостижни 8:4. Иако намалија Балтепе на два гола негатива, немаше време за пресврт. На крајот конечен резултат 8:6. Кај победникот се истакна Димевски, кој постигна 4 голови.
На првиот меч од групата В, стартна победа и за тимот на Бисинов кој успеа да слави во дуелот со Кале од Кичево. Немаше големи проблеми за избраниците на Никола Бисинов да забележат триумф, со резултат од 21:6. Започнаа со водство од 3:0 и 5:1, а истава ралика ја имаа и по десет минути игра кога резултатот беше 8:4. До крајот на првиот дел со серија од четири последователни голови, Бисинов успева да има на полувреме убедливи 12:4.
По неколку минути игра во вториот дел, Бисинов веќе имаше двоцифрена предност од 15:5, по што беше јасно кој ќе биде победникот. До крајот на мечот, екипата од Кичево за која настапија и помлади ракометари постигна само еден гол. На крајот убедлив триумф за Бисинов од 21:6.
Андовски и Гочев кај победникот постигнаа по 6 голови.
Првото коло по групите го комплетираа екипите на ГРК Гостивар и Виница-Вардар. Во еден интересен натпревар победата и припадна на екипата на Гостивар која славеше со резултат од 23:20. Виница подобро го отвори натпреварот и поведе со 0:2, за ГРК Гостивар да врати со три последователни голови и да поведе со 3:2. Беше и нерешено 6:6, за екипата на Гостивар да направи серија од 5:1 и да поведе со 11:7. Предноста ја одржуваа до крајот на првото полувреме, кога имаа водство од 12:9.
Гостивар имаше солидна предност во вториот дел од 15:11, но следеше пад во нивната игра, дозволувајќи и на екипата од Виница да го израмни реултатот на 15:15. Дури Виница-Вардар во два наврати имаа и водство од 17:18 и 19:20, но Гостивар беше посконцентриран во финишот, кога постигна четири голови во серија, со што тримфираше со конечен резултат од 23:20. Давор Стојкоски најефикасен кај победникот со шест постигнати голови.