Friday ,29 March 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > РФМ: Честитки за сребрениот медал на Вардарки, доколку имаше еднаков судиски критериум тие на крајот ќе беа шампиони
РФМ: Честитки за сребрениот медал на Вардарки, доколку имаше еднаков судиски критериум тие на крајот ќе беа шампиони

РФМ: Честитки за сребрениот медал на Вардарки, доколку имаше еднаков судиски критериум тие на крајот ќе беа шампиони

Ракометната федерација на Македонија излезе со соопштение по повод изминативе два дена, каде настапи имаа женскиот ракометен клуб на Вардар и машката ракометна репрезентација. Генералниот секретар, Филип Милошевски им го честиташе сребрениот медал на Вардарки, со напомена дека доколку имавме еднаков судиски критериум сигурно дека црвено-црните ќе ја освоеле европската титула. Исто така истакна дека нашите девојки лавовски се бореле, но дека на крајот одредени одлуки на судиската двојка им ја скратиле можноста за радост. Во соопштението се вели следново:

Ракометниот викенд кој веќе е зад нас, претставува вистински показател на квалитетот, добрата повеќегодишна системска работа и несебичната индивидуална посветеност и пожртвуваност на македонските ракометари и ракометарки, посветеноста на ракометните клубови и на сите ракометни работници во земјава.

Нашиот национален сениорски тим на натпреварот со Исланд во Рејкјавик повторно покажа врвна игра и пример за борбеност, достојно бранејќи ги боите на Македонија. Нашиот женски првак „ЖРК Вардар“, лавовски и до последен атом на силите се бореше за титулата во Лигата на шампионките.

Ракометната Федерација на Македонија во оваа прилика би сакала со огромна почит да упати искрени и срдечни честитки за истрајноста, упорноста и врвниот квалитет кој нашите „Вардарки“ го покажаа при вчерашниот меч против унгарскиот првак.

Сепак, и покрај динамичноста при двата натпревари, не можеме да не ги споменеме веќе редовните нееднакви критериуми практикувани од официјалните лица на натпреварите, делегирани од ракометните авторитети при настапи на македонскиот национален тим или македонските ракометни клубови, а кои особено во одлучувачки моменти имаат негативно влијание на играта и крајниот исход на мечевите.

Ракометната федерација на Македонија нема инструмент да реагира на примената на нееднаков аршин од страна на ракометните авторитети кога станува збор за меѓународните натпреварувања, но ќе реагира во домашни рамки. Во претстојниов период, ќе направиме анализа на актвностите при телата на ЕХФ и ИХФ на нашите делегирани претставници и доколку има потреба, ќе побараме од УО при РФМ да се направи ревизија на пријавените службени лица од Македонија во ЕХФ/ИХФ за наредната сезона.

Ние како Федерација и понатаму ќе останеме максимално мотивирани и ќе направиме сè што е во наша моќ да поставиме стабилен терен за нашите ракометари и ракометарки и достојна верификација на нивниот вложен труд и макотрпна работа.

Безрезервната финансиска, кадровска и организациска инвестиција на Ракометната федерација на Македонија за развој на ракометот во последните години во нашата земја, потпомогната од клубовите, приватните спонзори и државата, е насочена првенствено кон унапредување на овој спорт во земјава и подобро етаблирање на Република Македонија на светската ракометната мапа.